Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, и членот на ИК, Стефан Андоновски, денеска остварија средба со Овен Паун, директор на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија.

Како што информираат од партијата, на средбата Мицкоски потенцирал дека власта потфрлила да ги заштити граѓаните и навреме да обезбеди вакцини против ковид-19.

– Поради тоа, заостануваме зад Европа и регионот, а Македонија често се наоѓа во врвот на земји со најмногу починати на листите на милион или 100.000 жители – посочил Мицкоски.

Во однос на политичката ситуација, лидерот на партијата рекол дека власта со многуте коруптивни афери ја нарушила довербата кај меѓународната заедница.

– За коруптивноста на власта и инволвираноста во криминали доказ се последните случувања со заплена на дрога и коруптивни афери во кои осомничени се владини функционери и лица блиски до власта – рекол Мицкоски.

На средбата се дискутирало и за соработката помеѓу ИРИ и ВМРО-ДПМНЕ, при што било нагласено дека во иднина се планира проширување на соработката во подготовка на програмата и работата пред следните избори.