Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите ќе понудиме нешто кое ќе биде надвор од секојдневието за овие наши балкански услови. Суштината ќе биде поделена на два дела: првиот дел ќе биде владеење на правото и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, а вториот дел ќе биде делот кој што ние го насловивме „диги Македонија“ или дигитализирана Македонија, држава која што ќе биде практично единствениот таков пример на Балканот, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на настанот за кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“ во Центар.

Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди програма која што ќе содржи во себе стратегија и визија како Македонија ќе изгледа од сега за 10 години, па уште за 10 години.

– Зошто токму овие две работи кои што можеби вака делуваат помалку невообичаено за една изборна кампања? Затоа што ова се основните два столба врз основа на кои се гради една правна држава, едно правно општество кое што ќе се развива во вистинска траекторија. Бидејќи вие ако имате гарантирање на владеењето на правото, ако имате нулта толеранција на корупцијата, а истовремено имате целосна дигитализација и практично отчетност во процесите без разлика дали станува збор за локалната или централната власт, тогаш ќе имате инвеститори кои што ќе дојдат, ќе имате повеќе пари во економијата, ќе имате повеќе пари во буџетот кои што ќе се акумулираат, а со повеќе пари во буџетот, вие ќе имате поголема можност за инвестиција во образованието, поголема инвестиција во здравството и во земјоделието, поддршка за пензионерите поддршка за младите за да почнат некој старт ап, да отпочнат некој бизнис во Македонија – рече Мицкоски.

Тој кажа дека СДСМ на изборите во 2016 година ветувале правда, а денеска, како што рече, сме сведоци на една од најголемите коруптивни афери во поновата историја на Македонија, а тоа е аферата која што јавноста ја нарече кеш.

– Гледате како едно цело обвинителство почнувајќи од првиот па до последниот практично од првиот ден па се до ден денеска бил мал корумпиран вилает на Зоран Заев со ваши пари со пари на граѓаните. Гледате како кога народот практично има леб и сол кога неправда владее на улиците кога луѓе се затвараат се уценуваат и притискаат како резултат на политички прогон. Вие гледате како оние заштитници на ликот и делото на Зоран Заев инсталирани во институцијата Специјално Јавно Обвинителство бесрамно ги крчмат парите на граѓаните- рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој ги спомена хонорарите кои се делеле во СЈО, велејќи дека ова обвинителство е симбол за корупцијата.

– Имате обвинители кои што наместо да се бореле за правдата си делеле хонорари месечни по основ на тајност од десетици илјади евра па вториот на листат ќе го видете со 123 000 евра третиот на листата ќе го видете со 118 000 евра и се така до последниот кој што земал скромни 76 000 евра. Додека народот гладува додека народот мака мачи како да скрати од први до први, додека младите ни се иселуваат додека луѓето заедно со нивните семејства ги полнат куферите и ја напуштаат трајно Македонија. Додека тоа се случува преку телото кое што денеска претставува симбол за корупцијата тоа е специјалното јавно обвинителство Зоран Заев ги трошел вашите пари – рече Мицкоски пред граѓаните.

Тој предлага и воведување институт кандидат за мандат, или кандидат за носител на мандат.

– Имаме парламентарни избори, имаме носител на единици ќе имаме носители на тие изборни единици ајде да видиме кој ќе биде кандидат за носител на мандат, или како што тоа е пракса во Европа како што тоа е пракса на веќе завршените избори за европскиот парламент кој што ние го нарекувавме шпицен кандидат или кандидат за носител на мандат. Тој што ќе победи има право да ја формира владата составот и да ја води Македонија во следните четири години. Тој што ќе изгуби да не се крие позади пратеничкиот мандат туку веднаш да ја напушти политиката и да се соочи со одговорноста на сопствениот пораз. Тоа е она што вчера го предложивме јавно тоа е она што денеска исто така за време на преговорите го предложивме – рече Мицкоски.

Тој зборуваше и за загадувањето на воздухот и вети дека ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт за двојно ќе го намали загадувањето.

– Можеме да ветиме и да гарантираме дека најмалку за двојно ќе ја намалиме загаденоста и емисијата на штетни честички во атмосферата, без притоа да трпи економијата и стандардот на граѓаните. Сето тоа ќе биде содржано во новата програма за обнова на Македонија. Методологија, принципи и начин како тоа да го направиме. Поврзано енергетски, еколошки и амбиентално кога станува збор за воздухот – рече Мицкоски.