Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сретна со комесарот за европска, соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан. На средбата разговаралe за актуелната политичка состојба, европските интеграции и политичкиот дијалог во земјава.

Лидерот на опозицијата Мицкоски изрази загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето датум за преговори. Тој ја истакна и загриженоста поради отсуството на волја кај Владата во справувањето со растечкиот криминал, скандалите и високата корупција, која е присутна во највисоките ешалони на власта.

– Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја поткопуваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина – повлече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека немањето волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог-законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството, каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот. Мицкоски ги подвлече забелешките на предлог-законот за обвинителство, посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси.

Во однос на европската перспектива на земјава, Мицкоски посочи дека граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската Унија, што би било и дополнителен механизам за контрола на власта.

Воедно Мицкоски потенцираше дека услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување датум за предвремени парламентарни избори, како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување европска иднина за Македонија.