Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медумите кажа дека на средбата со претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, станало збор и за Законот за Јавното обвинителство.

– Му го пренесовме „трас, трас-методот“ за носење на Законот за Јавно обвинителство, „се договорив со Јово“ и сличните методи на кои се носат овие закони. Пренесовме дека тогашниот претседател на Владата не го негираше тоа однесување туку го потврди истото. Господинот Соботка навистина беше вчудовиден, ова беше информација што првпат ја слушнал – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Мицкоски му кажал на Соботка дека во парламентот имало повторено гласање.

– Најпрвин гласаа 74 пратеници, за потоа по некој чуден метод да се поништи тоа гласање па имаше 80 пратеници. Соботка беше видно изненаден од тоа што го слуша – рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ и пред други дипломати зборувала за состојбите во судството и обвинителството, кажа првиот човек на опозициската партија, оценувајќи дека во моментов се гази и пали демократијата во земјата.