Секому му станува јасно дека Зоран Заев бега од проблемите што ги мачат граѓаните, а кои тој и Владата што ја предводи ги создаваат. Ниту почит ниту грижа има за нив. Факт е дека има проблеми со економијата, која е во рецесија. Исто така, факт е дека има проблеми со ковид-здравствената криза. До вчера славеа во рестораните и одржуваа избори, денес воведуваат рестриктивни мерки, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видеообраќање.

Според него, исто така факт е дека има проблеми со Бугарија, која впрочем го докажува ветото што го заработија.
– Најпосле, факт е дека Заев има проблем со Владата, внатре во самата Влада со коалициските партнери, но исто така и внатре во неговата партија. А најголем факт е дека Владата е најголем проблем. И затоа треба токму за овие теми да разговараме на лидерска средба затоа што одговорно е, а и граѓаните очекуваат ние да најдеме решение за проблемите што постојат. Вистински скандал е што Зоран Заев вчера кажува едно, а денес сосема друго. Вчера рече дека ќе свика лидерска средба ако тоа не го направи Пендаровски, а денес го промени мислењето. Овој човек за сè и сешто менува ставови, што ги доведува граѓаните до сериозно чувство на несигурност и ваквото однесување навистина создава проблеми. Менувањето на ставовите всушност е најголема потврда дека проблемите што ги споменав постојат.

Сосема на крај, гледам, нервозно, со навреди и лаги се обраќа кон мене, како што впрочем тоа го прават постојано, и додека тој тоа го прави со невистини, јас само ќе констатирам познат и вистинит факт дека Зоран Заев е амнестиран за криминал. Сосема на крај, сакам да заклучам, кога изворот на сите проблеми е Зоран Заев, решението е тој да си замине – додава тој.