Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека неговата партија нема да учествува на изборите, доколку тие се одржат на 5 или 8 јули.

Тој бара избори во средината на јули или тогаш кога ќе дојде мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, од каде, како што тврди Мицкоски, кажале дека можат да пратат оценувачка мисија, но не и набљудувачка мисија. Мицкоски е дециден, велејќи: „Избори на 5 и 8 јули не доаѓа предвид“.

– Ќе имаме избори кога ќе имаме јасни протоколи за заштита на здравјето на нашите сограѓани. Ако сака да оди на избори, нека оди. Јас нема да поддржам и да го легитимирам тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од тие избори ниту на 5 ниту на 8 јули. На состанокот кај Пендаровски се слушаше само 8 јули – посочи Мицкоски.

Тој не сакаше да сподели што се зборувало кај претседателот Пендаровски каде беше со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Мицкоски најави дека утре ВМРО-ДПМНЕ ќе има состанок на Централниот комитет, по што, додаде „До крајот на денот власта да се вразуми, избори на 5 или 8 не прифаќаме“.

– Ние имаме два услова, јасни протоколи за здравјето на граѓаните, а втор е мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде присутна на изборите. Тоа што го соопшти денес ОБСЕ/ОДИХР е невозможно да се случи. Доколку ОБСЕ/ОДИХР ја воспостави мисијата денеска, тогаш кампањата може да почне утре. Од она што можам да го видам е дека ОБСЕ/ОДИХР нема да праќа набљудувачка мисија туку оценувачка мисија. Тоа е степен подолу од набљудувачката мисија. Според ОБСЕ/ОДИХР тоа ќе бидат седуммина. А најрано можат да дојдат на 17 јуни, а не порано од 22 јуни, што значи дека ако одлучи Зоран Заев и СДСМ да води избори на 5 и 8 јули ќе започнат без мисија на ОБСЕ/ОДИХР што е надвор од вредностите на Европската Унија – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.