Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува решение во личните карти да стои и етничката припадност на граѓаните. На новинарско прашање дали има некаква заднина во реакциите од Грција поради користењето на терминот Македонец, Мицкоски потврди дека законот е блокиран поради тоа што амбасадор од наша соседна земја имал сериозна забелешка за него.
– Ако навистина Зоран Заев сака тоа да го направи, бидејќи досега брутално 100 пати го прекрши правилото за користење на европското знаменце, еве, зошто тоа не го направи сега и да го достави законот во рамките на Собранието со европското знаменце да можам јас да се идентификувам себеси како Македонец – запраша Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Заев со оние на кои, како што рече, им обезбедувал поддршка и друг тип логистика пред изборите за да одземаат гласови од ВМРО–ДПМНЕ, сега го блокираат законот со 100-200 илјади амандмани и прават филибастеринг.

– Еве, зошто тоа не го направи ако навистина има толкава желба. Нека го стави тоа со европско знаменце и ќе види јавноста дали е така. Инаку, апсолутно, да, тоа е одговорот, има сериозна забелешка од страна на амбасадор на една наша соседна држава – заврши Мицкоски.