Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски попладнево во Владата имаше куса средба со премиерот Зоран Заев кој му го предал договорот за решение за спорот за името.

По средбата Мицкоски изјави дека тој и Заев имале куса средба затоа што, како што кажа, целокупната тема била исцрпена во текот на вчерашниот ден и тој немал што да додаде повеќе од она што го кажал на последните две прес-конференции.

Повтори дека овој договор за него и за ВМРО-ДПМНЕ е капитулација на Република Македонија.

– Тој договор сега ни е предаден нас, на ВМРО-ДПМНЕ. Од претседателот на Владата добив информација дека во текот на утрешниот ден договорот ќе помине на владина седница и ќе биде декласифициран, така што најверојатно веќе од утрешниот ден јавноста ќе ги знае деталите и спецификите содржани во него. Ние доправа ќе го разгледуваме договорот така што ќе коментираме во деновите што следуваат – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека договорот што веќе му е предаден денеска ќе биде анализиран во сите партиски комисии и органи оти во деновите што следат ќе повикаат консултации со МПЦ, Исламската верска заедница, МАНУ и со други општествени групи во Република Македонија.

– Некој нè доведе во една ваква незавидна ситуација. Си го приватизираше и монополизираше целокупнииот овој процес. Сега нè стави пред свршен чин да коментираме капитулација, но ние на денешната прес-конференција рековме дека ќе ги искористиме сите демократски и законски средства коишто ни стојат на располагање за да му пркосиме на истиот – рече Мицкоски.

Лидерот на опозицициската ВМРО-ДПMНЕ денеска имал средба и со претседателот Иванов на која ги повторил ставовите и позициите на неговата партија.

– Претседателот ме информираше дека во текот на денешниот ден ќе има обраќање до јавноста – рече Мицкоски не посочувајќи детали од разговорот со шефот на државата.

Во врска со тоа дали постои можност за промена на неговиот став за договорот меѓу Заев и Ципрас за спорот со името, Мицкоски рече дека врз основа на деталите што ги дознават деновиве и неговиот личен став и ставот на партијата стануваат уште поцврсти.