Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес оствари средба со претставниците на партиите од коалицијата „За обнова на Македонија“. На средбата тој ги информираше за новата реалност и, како што рече, за новото мнозинство во собранието, кое значи пад на владата на СДСМ – ДУИ.

Претседателот Мицкоски ја доби поддршката од Коалицијата за натамошните чекори во промена на власта.

Претседателот Мицкоски кажа дека во наредниот период ќе се обиде да формира влада, доколку постои сигурност  дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои треба да следат.

Доколку не се постигне обезбедување на целосна ефикасност на таквата влада со цел справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, единствено правилно решение се брзи предвремени парламентарни избори.

Клучни приоритети за државата и за партиите дела од коалицијата „За обнова на Македонија“ се реформите на системот, борбата против криминалот и корупцијата, ефикасност на институциите, европската иднина на државата и сеопшто економско – општествен развој.