Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека се работи за дволичност на претседателот Стево Пендаровски во поглед на изнесениот различен став од она што било дискутирано на нивната средба. Мицкоски смета дека ова се должи на очигледниот притисок кој се врши врз Пендаровски, иако имале усогласени ставови, како што истакна одговарајќи на новинарско прашање во врска по денешната посета на Општина Делчево.

– Генерално ние внатре се сложивме за сѐ како што кажав и на мојата изјава надвор откако излегов од состанокот којшто го имав со господинот Пендаровски, тоа што го спомнав надвор практично се согласивме и внатре за време на средбата, но очигледен е притисокот којшто се врши врз него, од оние би рекол новинарски пера којшто се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев е забележливо и тоа очигледно оставило трага кај претседателот Пендаровски, јас го разбирам нормално не можам да го оправдам бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите, но во ред битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак доколку имаме нови докази овој случај како и многу други случаи во минатото да започне од самиот почеток – рече Мицкоски.

Тој посочи да се почека конечно пресудата од второстепениот суд Апелација, да ја добијат осудените лица и нивните бранители и потоа да можат да го користат вонреден правен лек, односно да приложат нови докази.

– Да го искористат инструментот вонреден правен лек за да можат понатаму да ги презентираат новите докази пред третостепенипот суд, Врховниот суд, или пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, такашто на крајот од денот ја сепак сум задоволен затоа што најмалку што во овој момент им треба на граѓаните да слушаат исфрустрирани политичари, туку треба да слушаат и гледаат политичари коишто знаат како да се справат и да ги решаваат проблемите а не да ги создаваат проблемите, во таа насока беше и таа наша вчерашна средба – истакна Мицкоски.


Ставовите на претседателот се јасни и не зависеа од средбата со Мицкоски

Ставовите на претседателот Стево Пендаровски за настаните од 27 април се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани.

Инаку претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, така што тоа нема да го направи ниту овој пат, истакнуваат од кабинетот.


Алијанса за Албанците упати остра реакција за средбата

Правдата во Македонија е погребана со вчерашната средба помеѓу претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопшти Алијанса за Албанците во острата реакција, во која ја обвини и владејачката ДУИ.

– Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски одлучуваат и вршат притисок врз судовите и обвинителството во врска со најсериозниот терористички акт во земјава, насилството врз највисоката институција и избраните претставници на народот – рече Наим Бајрами од Алијанса за Албанците.