Гордана може да изгуби само со тежок фалсификат или изборен инженеринг. Денес имаше нерегуларности, притисоци, закани и веројатно и брзи прсти и индиции за поткуп. Европа е сè подалечна цел со овие луѓе. Затоа на Македонија ѝ требаше техничка влада која ќе гарантираше непристрасност на процесот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција во партиското седиште.

Тој рече дека ова не го кажува за да бара алиби, туку дека ова е вистината за реалноста во Македонија.

– Не давам ветувања кои не можам да ги исполнам и затоа кажувам дека оваа власт е свесна дека е минато и дека ќе падне – ќе ги поразиме заедно со народот. Колку и да слават ова е лош резултат за нив, тој е резултат на бескрупулозното пазарење, знаеме што си ветил за ова денеска да се случи. Денеска Македонија се буди во нова реалност, општествена реалност која значи делегитимирана власт – рече Мицкоски.

Тој вели дека Зоран Заев и Стево Пендаровски знаат што ги чека и што ќе им тежи од денеска па натаму.

– Од денеска им почнува вистински политички пекол кој ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка сила во земјава. Стево вика, ‘Слушајте го врховниот командант’, а јас велам, повторно грешите, слушајте го народот – рече Мицкоски.

Според него, реалноста значи нивна победа во најголемиот број општини.

– Сега победивме со уште поголема и поубедлива разлика отколку во првиот круг. Му се допаѓало некому или не, од денеска реалноста е следна – ако имаме парламентарни избори партијата која народот ја избра на овие избори и ќе освоеше навеќе мандати и пратеници е ВМРО-ДПМНЕ. Партијата споредено со коалицијата на СДСМ освои најголем број гласови. ВМРО-ДПМНЕ направи одличен резултат, партијата е повторно најголемата политичка сила во Република Македонија – рече Мицкоски, додавајќи дека ќе ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи со двапати поголема мотивација за на следните парламентарни избори да стигне до бројка од половина милион гласови.

Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и Гордана Сиљановска-Давкова победија во Зелениково, Аеродорм, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сопиште, Петровец, Илинден, во Бутел е нерешено.

– Гордана победи и во Битола, Велес, Кавадарци, Гевгелија. Победивме во Прилеп, Свети Николе, Валандово, Василево, Вевчани, Виница, Градско, Дебарца, Демир Капија, Зрновци, Карбинци, Кратово, Кривогаштани, Лозово, Македонска Каменица, Македонски брод, Могила, Неготино, Новаци, Пехчево, Пробиштип, Росоман… – рече Мицкоски кој ѝ се заблагодари на Сиљановска и порача дека партијата смета на неа.