Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и натаму бара датумот на изборите да биде одреден со консензус од сите политичари.

– Нашиот принцип е јасен дека датата за следните парламентарни избори треба да биде донесена со консензус на сите политички партии што седеа на таа маса уште на првата лидерска средба што ја организира претседателот Пендаровски, без разлика што во меѓувреме се видоизмени содржината на масата и некои од тие што беа на таа маса се во коалиција, ние стоиме на тој принцип и не бегаме од тој принцип. Исто така, стоиме на тој принцип дека секоја вонредна состојба треба да се носи во консултација со политичките партии иако за време на втората вонредна состојба тој принцип беше напуштен од страна на Владата и претседателот Пендаровски. За втората состојба, ние исто така имавме спротивен став бидејќи ако зборуваме за состојба кога сме ја победиле пандемијата и сме лидери во регионот, не ја гледавме причината за прогласување трета вонредна состојба. Но, очигледно беше јасно дека треба да се донесе нова уредба, која треба на Зоран Заев да му послужи за да ги поткупи граѓаните и да ја добие нивната поддршка за следните предвремени парламентарни избори. Тоа нема да му успее бидејќи граѓаните знаат и никогаш нема да го заборават тоа што го правеше оваа пандемија наречена Зоран Заев и СДСМ во претходните три години, а и овие дополнителни 1.500 евра долг за секое семејство нема да ги заборават граѓаните и жестоко ќе го казнат на следните избори кога и да се одржат – рече Мицкоски.

Тој рече дека комуникација за одредување на датумот на избори постои, но не сакаше да коментира ништо во врска со неа тврдејќи дека ако има договор меѓу партиите, тоа ќе се соопшти јавно.

– Нашите позиции поврзани со предвремените парламентарни избори ги знае македонската јавност. Нашата позиција дека компромис треба да се постигне во интерес на граѓаните, во интерес на државата, но тоа не треба да биде по цена на здравјето на граѓаните. Канална комуникација постои. Јас не би сакал денеска да изнесувам дополнителни коментари поврзани со тој канал за комуникација што постои бидејќи не сме сите исти и не се занимаваме сите со ваков тип брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор, ќе ѝ го соопштиме тоа на јавноста. Но, повторно ќе кажам, здравјето на граѓаните треба да биде водилка за сите нас – додаде Мицкоски.