Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Загреб, истакна дека партијата го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија.

-Сè што може да биде позитивно и за двете страни, и за Македонија и за Бугарија, ние поддржуваме, тука, исто така, не треба да има дилема – одговори Мицкоски на прашањето на Борисов дали ВМРО-ДПМНЕ го поддржува Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

На ова, бугарскиот премиер рече дека тоа е многу важно и дека е важно да се слушне јасно.

По средбата, Борисов изјави дека добил уверување од Мицкоски дека ЕУ и НАТО се приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.

-Антибугарската реторика не само што мора да биде забранета, туку и не е правилна. Не бевме окупатори на никој. Читањето на историјата е таква каква што ја напишале историчарите и каква што со векови ја прифаќаме. Ако сакаат да напредуваат, вредностите се јасни – рече Борисов.