Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВМРО-ДПМНЕ го поддржува протестот за осудените од 27 април што ќе се одржи на 29 мај, изјави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски додавајќи дека крајна цел е борбата за правда.

Мицкоски во Штип подвлече дека станува збор за луѓе кои што се неправедно осудени и квалификувани како терористи.

– Тоа е срам за судскиот систем, што дозволува еве и до ден денеска се’ уште тие луѓе да не можат да користат правен лек, односно да можат да ја обжалат пресудата на второстепениот Апелационен суд, и до Врховниот и до ЕСЧП, односно Европскиот суд за човекови права – рече Мицкоски.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ вели дека партијата не е организатор на протестот, но ја изразува својата поддршка, бидејќи секој треба да има можност да ја докаже својата невиност за тоа што е осуден.

Тој потсети дека дел од обвинетите признале вина пред судот за прекршување на законот, но се изјасниле дека не се терористи за да одговараат за тоа кривично дело.