Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи победа по вториот круг од локалните избори. Тој кажа дека не треба да се заборави поткупот, насилното однесување, заканите и уцените, кои според него, ги имало.

– Ова е убедлива победа, ова е победа на народот на Македонија. Им благодарам на сите граѓани на Македонија кои излегоа да гласат, но и оние кои не гласаа, а чија доверба ќе продолжиме да ја бараме. Благодарност до сите граѓани од сите партии и етнички и верски заедници, леви и десни. Една е за сите нашата Македонија, сплотена и заедничка. Благодарност до сите политички партии од коалицијата за Обнова на Македонија – истакна Мицкоски, порачувајќи „одиме до конечна победа и нова иднина“.

Тој се обрати до идните градоначалници од неговата партија и колицијата за „Обнова на Македонија“.

– Немојте ни за секунда да го разочарате народот. Заборавете на привилегиите кои ги носи функцијата, засукајте ги ракавите и од утре на работа. Вашите фотељи заменетеги со терен и работа со граѓаните, носење решенија на нивните проблеми. Заборавете на матни тендери, договори во четири очи, што се одлика на власта во заминување и никогаш не заборавајте од каде доаѓаме и од каде сме сите ние и од каде почнавме. Јас ќе бидам најверната сенка во работа и ваш пријател, но и нај остриот критичар доколку не успеете. Овој народ заслужи и мора да види разлика и резулати, а народот мора да знае дека зад секој мој збор, кажан во кампањата, ќе стојам до последната запирка – категоричен е Мицкоски.

Мицкоски на вечерашната прес-конференција му се обрати и на премиерот Зоран Заев.

– Да размисли што ќе бидат следните чекори. Да се надмине себеси и да го направи најдоброто за Македонија. И да ја разбере пораката, дека е доста и дека треба да се замине. Ова треба да биде негово заминување од политиката. Народот испрати јасна порака – порача Мицкоски, додавајќи дека власта е делегитимирана, и тоа од вечерва.

Според Мицкоски победата во Битола на ВМРО-ДПМНЕ е со повеќе од 3.000 гласови разлика, но и во Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија со повеќе од 2.00 гласови разлика, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа и дека партијата има победа во Лозово, Македонска каменица, Македонски Брод. За Охрид кажа дека ВМРО-ДПМНЕ победила со повеќе од 4.000 гласови разлика.

Тој ги истакна и победите во Пехчево, Радовиш, Ресен, Чешиново-Облешево, Ранковце. Мицкоски кажа дека Стевчо Јакимовски како коалиционен партнер, победил во Карпош. На крајот, ја честиташе победата на Данела Арсовска како независен кандидат за Скопје.