Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати пред граѓаните на општина Ѓорче Петров, во рамки на кампањата „Разговори за Обнова на Македонија“ и порача дека за време на посетите на македонските населени места се соочува со луѓе кои се полни со разочарувања од актуелната состојба во државата .

– Луѓето не веруваат дека ќе имаат иднина во оваа држава, разочарани се, а има и такви што практично едвај крај со крај трпат да го поминат месецот – рече партискиот лидер.

Во продолжение, тој кажа дека има многу неисполнети ветувања од страна на актуелната власт, а како пример ги наведе загадениот воздух и најавените реформи во образованието.

– Денеска, три години потоа не само што не го дишеме ветениот алпски воздух, не само што не го дочекавме тоа лажливо ветување туку денеска Скопје руши рекорди на светската скала по најзагадени градови. Никој од вас не ги тераше да ветуваат студентски градови и реновирани студентски домови, образование кое што младите луѓе ќе го добиеле како нивните врсници во Европа и во развиениот свет, па таа младинска гаранција. Па дополнителни стимулации за младите земјоделци и што ли уште не. Лага, до лага. Таква е денеска реалноста нема ниту студентски град, ниту реновирани студентски домови, а за квалитетно образование ниту станува збор – порача Мицкоски пред присутните.
Тој посочи и дека денес не само што се празни македонските села, туку младите ги напуштаат и градовите.

– Излегуваат статистики на светските листи, 2018 година е рекордна година на иселување на граѓани од Македонија, повеќе од 33.000 наши сограѓани трајно ја напуштија Македонија. Зошто? Затоа што нема перспектива, затоа што се разочарани, затоа што се исплашени за иднината на нивните семејства, на нивните најмили, на нивните дечиња, внуци. Тоа е главниот проблем – оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој пред присутните граѓани од Ѓорче Петров зборуваше и за иницијативата за проверка на потеклото на имотот на политичарите, но рече дека за ова нема одговор од страна на власта.

– Ајде заедно да донесеме закон во парламентот каде што ќе се испита потеклото на имот на сите политичари, и еве јас се пријавувам како прв доброволец, да бидам, од мене да почнат. Ајде да почнеме да видиме кој од политичарите и како го стекнал сопствениот имот. Да видиме кои семејства стократно или илјадакратно во рок од неколку години го имаат зголемено својот имот, да видиме врз основа на што го зголемиле својот имот, еве јас да бидат првиот како пример и моето семејство. Нормално дека нема одговор, затоа што знаат дека не се чисти, затоа што знаат дека така брзо и така многу не се стекнува имот со чесна и честита работа, туку со работи кои што се се, само не се чесни и честити – кажа Мицкоски.

На крајот порача дека како политичар е свесен оти на народот му е преку глава и сака политичките измамници да си заминат и додаде дека затоа е сигурен во огромна победа на 12 aприл.