Фото: Собрание

Сите 44 пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни на утрешната седница за изгласување на петтиот пакет мерки, рече координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во гостувањето во „Тема на денот” на телевизија „Сител“, додавајќи оти се надева дека нема да се повтори сцената од четвртокот.

– На утрешната седница во Собранието сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни во Собранието. Доколку немаат мнозинство ете 44 пратеници ќе бидат во пленарната сала и дајте да го изгласаме овој петти пакет на мерки. За 32-тата седница нема да бидеме внатре. Работата на претседателот е да констатира дали има кворум или нема за 32-тата седница и доколку нема ја прекинува, ја презакажува за некој нареден период и преоѓа на следната. Дајте луѓе да ги изгласаме петтиот пакет мерки, ме среќаваат луѓе на улица, бараат помош – посочи Мицевски.

СДСМ цело време зборува дека опозицијата правела се за помошта да не стигне до граѓаните, а обратно е, ВМРО-ДПМНЕ прави се за помошта да стигне до граѓаните, изјави Мицевски, кој смета дека претседателот на Собранието требал само да ја прекине таа фамозна 32-ра седница и да прејде на 36-тата.

– Знаете ние какви предлози имавме за граѓаните кога се гласаше буџетот? Еве на пример, бесплатни ПЦР-тестови. Дали тоа не е за граѓаните? А беше одбиено од парламнетарното мнозинство. Имавме барање за набавка на нови медицински возила и тоа беше одбиено. И третото беше вработување на сите невработени медицински лица. И тоа беше одбиено – рече Мицевски.