Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара итна седница за разрешување на осомничената специјална јавна обвинителка Катица Јанева, истакна денеска координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Никола Мицевски, кој порача дека собранискиот спикер Џафери треба да ја свика седницата.

– Согласно Деловникот на Собранието, по барање на 20 пратеници, господинот Талат Џафери треба да свика итна седница на која на дневен ред ќе биде разрешувањето на Јанева и тоа инсистираме да биде денес, а не како што најави Џафери, за два или три дена – нагласи Мицевски.

Според него, само на овој начин Советот на јавни обвинители ќе има време да го разгледа предлогот и да ја разреши Kатица Jанева.

Мицевски потсети дека вчера бил експресно одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ разрешувањето на осомничената Катица Јанева да се стави на дневен ред како прва точка.

– Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера наместо на страната на правдата застана во одбрана на криминалот и рекетот. Јавноста беше сведок како СДСМ и Талат Џафери ја спасија осомничената Катица Јанева – истакна тој.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ и Зоран Заев не смеат да ја разрешат Катица Јанева, бидејќи тие се поврзани во, како што рече, најголемата рекетарска афера во земјава.

– Зошто СДСМ не сакаат да биде разрешена? Дали Владата на Заев е во координација и синхронизација со самата Катица Јанева, обвинителката Вилма Рускоска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и се дел од планот за спас на Катица Јанева – праша Мицевски, кој порача дека одговор на овие прашања мора да има и ги повика пратениците на владејачкото мнозинство да застанат на страна на законот и да гласаат за разрешување на осомничената Катица Јанева уште денеска.