Предлог – законот за попис на населението е со низа недоследности, а владејачкото мнозинство прави злоупотреба на европското знаменце бидејќи истиот закон не ги содржи препораките на Евростат и немаат никаква допирна точка со регулативите на европскиот парламент како и со препораките и стандардите на Обединетите нации, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната седница во Собранието

– Законот за попис кој предизвикува големо внимание кај македонските граѓан е закон кој што е долго очекуван во Република Македонија имајќи предвид дека законот за попис односно пописот треба да биде една статистичка операција од која што ќе се црпат податоци за идните текови и функционирање и планирање на стратегиите на Република Македонија во наредниот краткорочен и долгорочен период. За жал не дојдовме до пленарна седница со ова законско решение на начин на кој што посакувавме и на кој што повикувавме. Од самиот почеток баравме државен консензус за ова прашање, а не владино коалициона одлука на партиите на власт за начинот односно за формата за спроведување на пописот во Република Македонија – рече Мицевски.

Тој додаде и дека власта испуштила можност да даде легалност и легитимитет, односно доверба во оваа статистичка операција.

– Испуштивте шанса уште од самиот почеток да дадете легалност и легитимитет односно доверба на процесот на статистичка операција наречен попис. За жал место да дозволите дебата прво по комисии, па јавност транспарентност и експертско учество во истиот, ставивте европско знаменце се со една цел за сите оние шкакливи прашања во државата за сите оние прашања за кои што навистина граѓаните очекуваат да се продискутира да не можат да добијат јавност и транспарентност. Рековте дискутиравме на комисијата меѓутоа тоа не е точно. На комисијата имаше предлози од ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициопни партии за кои што вие немавте слух ниту да ги продискутирате – рече Мицевски.

Тој кажа дека ваквото законско решение има низа на недостатоци и недоследности.

– Рековте дека сугестиите кои што се дадени на првото законско решение се анализирани и инкорпорирани во законот, јас ќе ве уверам дека тие сугестии ниту се разгледани ниту има желба да се разгледаат и доаѓаме до едно законско решение кое што за жал има низа недоследности и низа позиции на кои што опозицијата и секој граѓанион кој што го гледа ова како статистичка операција може да најде многу забелешки по основ на ова законско решение – рече Мицевски.