Фото: Собрание

ВМРО-ДПМНЕ достави одговор на известувањето во однос на вратената интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Партијата смета дека враќањето на поднесената интерпелација е неосновано и спротивно на Деловникот на законодавниот дом.

– Интерпелацијата и нејзината форма се единствени и врз нив не се применуваат одредбите кои што се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон – истакна координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Интерпелацијата беше поднесена месецов, откако Џафери во Европскиот парламент говореше на албански јазик. Пратеничката Гордана Силјановска Давкова тогаш изјави дека Џафери направил кривично дело.

– Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре. Со ова не само што го повреди Уставот, туку го направи македонскиот народ како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, со што го изложи на подбив македонскиот народ, а всушност ова е кривично дело кое е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик – рече Силјановска Давкова по поднесувањето на интерпелацијата.

Интерпелација поднесе и политичката партија Левица. Минатата недела, претседателот на Собранието, ја врати на корекција бидејќи документот не бил поднесен со уставното име на земјава.