За три години направивме пресврт и разлика. Од општество во кое ВМРО-ДПМНЕ 11 години газеше врз достоинството на луѓето, особено кон сиромашните и стечајците, денес станавме општество кое им помага на ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права, изјави Јован Митрески од СДСМ, носител во ИЕ 5.
– Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто. Минималната плата ја зголемивме од 9.000 на 14.500 денари. Го решивме проблемот со стечајците. 12.000 наши сограѓани добиваат месечен надомест од над 8.000 денари до пензионирање. Воведовме социјална пензија за лицата кои не го исполнуваа условот работен стаж. Околу 6.000 наши сограѓани добиваат социјална пензија. Солидарно се бориме и против економските последиците од коронавирусот – кажа тој.

Време е за, додаде Митрески, ред, правда и дисциплина во сите институции.

– Правосудството мора да се прочисти од корумпираните судии и обвинители. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Започнува детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители и темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор – рече тој.

Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кажа Митрески, е тоа што СДСМ нуди професионални институции во служба на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ нуди партизирана администрација во служба на лични и партиски интереси.