Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако се именувани за министри на важни и одговорни ресори, како да стана практика функционери на ДУИ да ги запоставуваат своите надлежности и да се посветуваат на безначајни, маргинални прашања, како на пример проверка на улични табли, што, пак, нема никакви допирни точки со ресорите што ги водат. Дали ваквите постапки се одраз на политичка безидејност и незнаење во период кога државата се соочува со големи предизвици

ПАРАДОКСИ ВО ПРАКТИКУВАЊЕТО  НА ВИСОКАТА ПОЛИТИКА

Стана практика високи државни функционери, особено од редовите на ДУИ, да ги запоставуваат своите високи надлежности и сѐ почесто да се експонираат и да се посветуваат на маргинални прашања, кои се во доменот на некое локално или комунално претпријатие.
Така, деновиве, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби изврши инспекција на замената на стари еднојазични патокази на Коридорот 8 со нови, кои сега се поставуваат на албански, македонски и на англиски јазик.
Претходно, пак, во слична улога се најде и неговиот сопартиец Бујар Османи, министер за надворешни работи, кој тогаш од позиција на вицепремиер за европски прашања објави видео на социјалните мрежи со кое информира дека лично извршил инспекција на двојазичноста на таблите поставени пред вратите на државните институции.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е фактот дека државните функции со кои управуваат Османи и Груби се од највисок карактер и значење за граѓаните и сосема е очекувано нивниот ангажман да биде насочен во ресорите за кои се назначени и именувани и да работат во интерес на сите граѓани.
Со други зборови, и Груби и Османи може да се заложат за справување со пандемијата на ковид-19, лобирање за обезбедување вакцини, надминување на блокадите и уцените од Бугарија и придвижување на земјата на патот кон ЕУ, економски раст и развој итн. Сите тие се прашања што имаат поголем импакт и значење за граѓаните и државата отколку обиколка на улици и инспекција на табли, што воопшто не е министерска работа.

Во меѓувреме, политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека активностите на министрите од редовите на ДУИ од овој профил се базирани единствено на популистички мотиви, кои индиректно ги нагризуваат значењата и тежините на одговорните државни функции со кои раководат.
Граѓанскиот активист Џабир Дерала овие постапки на функционерите на ДУИ ги дефинира како активности што се олицетворение на популисти политичари.
– Очигледно е дека и Османи и Груби, но и други политичари од ваков профил во минатото, честопати знаат да ја испровоцираат јавноста со овие популистички чекори. Ако на овие подвизи се оглушат Албанците, тогаш ќе се јават Македонците и обратно. Така што на ваквите дејствувања, според мене, не треба многу да им се обрнува внимание во јавноста, особено сега, кога се справуваме со опасностите од пандемијата на ковид-19 и од економската криза, која допрва ќе натежне врз сите нас – вели Дерала.
Тој објаснува дека ваквата практика во дејствувањето на некои функционери е бидејќи тие, очигледно, немаат добри економски политики или добра визија што точно значи функцијата на која се поставени од гласачите.
Дерала објаснува дека националните чувства за двојазичноста во земјата нема да ни помогнат во решавањето на побитните државни и локални проблеми.

– Доколку нешто од двојазичноста не се применува како што треба според законот, за тоа си има надлежни државни тела. На крајот на краиштата, секој граѓанин може да го пријави истото тоа во институциите, па оттука не го разбирам чекорот вицепремиери да учествуваат на поставување табли на автопатишта и слично – вели Дерала.
Како проблеми, истакнува Дерала, што се побитни во моментов се непристапноста на институциите за граѓаните со посебни потреби, недостигот од целосна и вистинита правна помош на граѓаните, недостигот од храна на сиромашните и гладните и така натаму.
Тој резимира дека ова дејствување треба да се исфрли од практиката, бидејќи на тој начин се дерогира значењето на функциите што ги носат Османи и Груби, и да ги остават локалните власти и директорите на институциите сами да се грижат за помалку важните прашања за државата во овој момент.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски мисли дека овие министри очигледно немаат попаметна работа во својот работен ден или, пак, немаат изградена агенда во работата во моменти кога земјата е во тешка состојба, па затоа го прават тоа што го евидентираат медиумите.

Имено, Пекевски вели дека со овие површни политики, партијата ДУИ се одржува во живот веќе две декади, бидејќи во спротивно таа нема што друго економски или здравствено да придонесе во Владата, и онаа со актуелните коалициски партнери и онаа со минатите.
– Економското јакнење сега е примат, лобирањето за набавка на вакцини против ковид-19 несомнено е државна цел, од друга страна двојазичноста на таблите или тријазичноста на истите тие ни приближно, за мене лично, не го отсликува она што еден висок функционер би требало да го прави во овие моменти – резимира Пекевски.

[email protected]