Колку повеќе зборуваме со еден глас и си помагаме едни со други во регионот, толку побрзо ќе одиме сите напред. Натпреварот во реформи, во тоа што има значење за нашите граѓани денес и утре, е единствениот политички натпревар што му треба на Балканот.

Ова го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на работниот ручек што го приреди на маргините на денешниот Самит на Брдо Бриони Процесот чиј домаќин оваа година е Република Македонија, за присутните министри за надворешни работи од земјите учеснички во Процесот и претставници на специјалниот гостин, претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

Како што соопшти МНР, на ручекот учествуваа и претставници од британското МНР, како домаќини на претстојниот Самит на Берлинскиот Процес, кој оваа година ќе се одржи во Лондон.

Продолжуваме и понатаму, рече Димитров, и ги претстави очекувањата на Македонија за постигнување на напредок во пристапниот процес и задоволство што ЕК ги препознава досега постигнатите реформски резултати и добиената препорака за почеток на пристапните преговори. Министерот, се наведува, се осврна и на идните активности на Владата, во поглед на реформската агенда, но и во поглед на унапредување на добрососедските односи.

Дискусиите за време на работниот ручек беа фокусирани на новиот моментум создаден во нашиот регион, очекувањата од претстојниот период и предизвиците во светло на Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, објавените извештаи за земјите од страна на Европска Комисија, како и претстојните значајни Самити – Самитот во Софија на 17 мај и Самитот во Лондон на 9 и 10 јули. Беа разменети и ставови за иднината на регионалната соработка, за регионалната и европската стабилност и безбедност како и за економскиот раст и напредок, се посочува во соопштението од МНР.