Министерот за култура Асаф Адеми поднесе оставка од функцијата на прес-конференција во партиското седиште на „Алтернатива“.

Адеми донел ваква одлука поради здравствени причини и во консултација со партискиот лидер Африм Гаши.

– Одлуката заедно ја донесовме со претседателот на „Алтернатива“ Африм Гаши и другите колеги од централното претседателство. На последниот состанок на централното претседателство што се одржа на 22 април 2019 година јас побарав од претседателот и од централното претседателство да ми дозволат да се повлечам од фунцијата министер за култура. По моите објаснувања и оправдувања поврзани со здравствените причини, централното претседателство го прифати моето барање, но за да не влијаеме на изборниот процес на претседателските избори, одлучивме тоа да го објавиме по завршувањето на процесот- изјави Адеми.

Тој посочи дека било предизвик да ја претставува „Алтернатива“ на достоинствен и искрен начин. Додаде дека останува во својата матична партија „Алетнарива“ да им служи на задачите што го чекаат во иднина.

– Нема потреба ниту да се кријам, ниту да се жалам од некој. Зборувавме за правда и јас владеев праведно. Зборувавме за транспарентност и јас владеев транспарентно. Зборувавме за моралот и јас владеев со нула корупција- рече Адеми.

Прашан дали оставката има некаква врска со „чистката“ што ја најави премиерот Заев, Адеми одговори дека во потполност го поддржува во чистката што ја најавува и оти за своето повлекување од функцијата министер го има известено премиерот пред два, три месеци.

Тој информира дека оставката ја доставил до претседателот на Владата Зоран Заев и му се заблагодари за коректната соработка, а како што рече, до назначување на новиот министер ќе продолжи да ја врши својата должност.

Пред Адеми, од функцијата се повлече и претходниот министер за култура Роберт Алаѓозовски.

И.Р