Карикатура: „Нова Македонија“

Воспоставената „бомбашка практика“ како средство за промена на власта во државата, со објавување нелегално снимени аудио или видеоразговори, го дерогира целиот изборен систем и го компромитира правото на граѓаните да избираат и да одлучуваат, но истовремено ги поткопува и основните столбови на кои се темели секоја држава, а тоа се законодавната, извршната и судската власт. Не случајно, и претходно и сега, т.н. бомби се насочени токму кон овие три клучни столба на државата

Од времето на серијалот т.н. бомби со незаконски прислушувани материјали, насловен „Вистината за Македонија“, од почетокот на 2015 година, политичките процеси и промени во земјава се чини како да се диригирани токму од такви параинституционални методи, кои повеќе личат на средство за уцена, отколку на демократски методи на политичка борба. Токму ефектот на бомбите, пласирани од тогашната опозиција (СДСМ), создаде услови за промена на власта на изнудени вонредни избори. Но се чини дека тој случај ја воведе и практиката во Македонија преку снимки од прислушување да се води борбата за власт, што се покажува и сега, со актуелните објави во италијански медиуми на т.н. бомби поврзани со судската истрага „Рекет“. Се наметнува заклучокот дека по речиси пет години веќе е воспоставена практика, која дури се смета и за вообичаена и легитимна, во Македонија да се доаѓа на власт или да се остваруваат одредени интереси со користење нелегални снимки, за кои се покажа дека во истрага и со политичка волја може да се претворат и во доказен материјал. Во последното интервју, италијанско-словенечкиот новинар Ларис Гајсер, кој ги објавува снимките за случајот „Рекет“, прогнозира дека се наѕира крајот на премиерската кариера на актуелниот прв човек на македонската влада Зоран Заев. Од друга страна, загрижува впечатокот дека со таквата воспоставена „бомбашка практика“ се дерогира целиот изборен систем, односно дека демократското право на граѓаните да избираат и да бидат избирани е компромитирано, или дури и изманипулирано со примената на параполитички методи во борбата за власт. Уште пострашно е што со ваквите бомбашки процеси се поткопуваат и основните столбови на кои се темели секоја држава, а тоа се законодавната, извршната и судската власт. Не случајно, и претходно и сега, таканаречените бомби се насочени токму кон овие три клучни столба на државата.

– Повеќепати истакнав дека кој како ќе дојде на власт, така и ќе замине. Тезата не е моја. Таа, на еден или друг начин, може да се сретне кај повеќе мислители и учења, сакајќи да предупреди дека секој човек треба да внимава како се однесува, не затоа што постои некоја карма, космичка судбина или вечно враќање, уште помалку затоа што постои космичка одмазда, туку затоа што на одредени средства/потези се одговара со соодветни средства/потези. Не може некој (кој и да е) цело време неправедно да се однесува, а да очекува награда за тоа. Се потсетувам на Евангелието според Матеј, Исусовиот ученик/апостол. Вечерта, кога го апсат Исус во Гетсиманската градина, еден од неговите пријатели, сакајќи да му помогне, му го отсекува увото на слугата на првосвештеникот. Гледајќи го тој гост, Исус го предупредил: „Врати го ножот на местото негово; зашто сите што ќе се фатат за нож, од нож ќе загинат.“ Односно, тој што прислушувал (или користел такви средства) и самиот ќе биде прислушуван. Тоа што некои мислат поинаку, дека таквото нешто нема да ги стигне, самите дополнително се уверуваат во тоа, бидејќи тоа што го правеле за нивно време, подоцна почнува да се применува и врз нив. Молчењето и привремените криења од јавноста ништо не помагаат – тоа го знаат и трите грации. Затоа, почесно и поефикасно е да се излезе и да се каже вистината за себе, барем душата и чесноста да се спасат. Нормално, ако се имаат – смета професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски за актуелните политички превирања, предизвикани од случајот „Рекет“.

Од содржините на прислушуваните материјали, објавувани во текот на изминатите пет години (и „Вистината за Македонија“ и актуелните за „Рекет“) може да се забележи дека континуирано се подриваат трите столба на државата: законодавната, извршната, а сега најмногу на удар е судската власт. Имено, бомбите од „Вистината за Македонија“ најмногу беа насочени кон создавање критичен амбиент за уривање на тогашната извршна и законодавна власт (Собранието) и можеби како придружен ефект беше споменувана и судската власт, именувајќи ја како сваровски-судство. Во меѓувреме беше формиран и уште еден правосуден орган за прогон на криминалите и корупцијата откриени токму од содржините на тие бомби – СЈО, кој, пак, сега е „предмет на напад“ во актуелните објави на прислушувани снимки од случајот „Рекет“.

Очигледно дека сегашните намери се преку целосна компромитација на судството, а најмногу на СЈО, да се урне актуелната влада. Притоа, повторно опасно се доаѓа до работ да бидат минирани трите столба на власта.

– Уште кога беа објавени првите бомби во 2015 година, од „Вистината за Македонија“, во едно интервју кажав дека Заев требаше да биде уапсен веднаш, а Груевски да поднесе оставка, за да може да профункционира судството. Беше јасно дека фактите од тој тип, добиени на нелегален начин, со сомнителна веродостојност, претставуваат длабоко подривање на системот и на институциите и не смеат да бидат средство за освојување на власта… Но ништо од тоа не се случи и сега се чини дека не може да се запре таквото „устројство“ за доаѓање на власт. Притоа, поразувачки е што со таквата практика всушност е дерогиран изборниот систем. Јасно е дека граѓанското општество е партиски контаминирано, а силата на граѓаните е издишана. Клучно прашање во овој миг е дали судството ќе најде сила да не подлегне на политичките и бизнис-интереси, кои несомнено вршат притисоци, и да спроведе професионална истрага, како и целата законска процедура за спроведување на правдата. Спроведувањето на правдата е клучниот момент во враќањето на надежта на граѓаните, особено што се покажува дека тие надежи еднаш веќе беа изневерени – вели професорот по социологија Илија Ацески.

Фото: Игор Бансколиев

Полнолетство на рамковниот договор

Потсетувањето и одбележувањето на 18-годишнината од Охридскиот рамковен договор некако се случи во сенка на актуелната афера „Рекет“ и сведочењето на специјалните обвинителки пред колегите од редовното јавно обвинителство.
На 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно, во Скопје, рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери, и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски, и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ, Франсоа Леотар, и на САД, Џејмс Пердју. Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта. За успешна имплементација на договорот беше формиран секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како дел од Владата.
И осумнаесет години по Охридскиот договор, во македонската јавност тој се доживува различно. Додека за албанската заедница во земјава на него гледа како на позитивна придобивка, кај значителен дел од македонската јавност со рамковниот договор Македонија „престана да биде држава како сите нормални држави што се базираат на концептот на национални држави, со гарантирана положба на малцинските права според меѓународното право“ и во својот развој се движи кон бинационална држава со тенденција за федерализација.
Во текот на вчерашниот ден немаше поголеми одбележувања во Македонија на полнолетството на рамковниот договор, но затоа од косовскиот претседател на Собранието тој беше оценет како придонес за демократизирање на Македонија и стабилизирање на Балканот.