ВМРО-ДПМНЕ доставила до Уставниот суд иницијатива за поништување на уредбата со законска сила за исплата на пари за поранешните вработени во Специјалното јавно обвинителство, информираше Антонио Милошоски. Тој рече дека очекуваат од Уставниот суд во најкус временски рок да се произнесе.

– Уредбата за исплата на пари на поранешни вработени, службеници, истражители во СЈО нема никаква допирна точка со основата за прогласување на вонредна состојба во Република Македонија, а тоа е борба со пандемијата и вирусот ковид-19 и неговите здравствени и економски последици. Затоа сметаме дека оваа уредба е незаконита, е противуставна и е спротивна на уредбите кој што Република Македонија ги ратификувала како членка на Советот на Европа. Владата ја злоупотребила вонредната состојба за да исплати пари на поранешни вработени во СЈО кои што се блиски членови на Заев, на Катица Јанева, на поранешни и сегашни обвинители и судии и партиски послушници на актуелната Влада – рече Милошоски.

Тој вели дека доколку оваа уредба остане во сила ќе предизвика правна несигурност и ќе предизвика двојно уредување на една иста материја што е спротивно на членот 8 став 1, односно на челото на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, како и спротивно на членот 51 од Уставот според кој што сите закони и уредби мора да бидат во согласност со Уставот и другите прописи уредени со Закон.

– Во моменти кога здравствените работници не се доволно опремени, кога болниците кубурат со основни средства за работа и борба против вирусот, во моменти кога имаме се поголеми редици на нови невработени луѓе кои што добиваат откази од мали и средни претпријатија заради економската криза е навистина големо расипништво да се потрошат два милиони евра за поранешните вработени службеници и истражители во СЈО кои се блиски до СДСМ – порача Милошоски.