Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе достави предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче, поради лошиот менаџмент на здравствената криза која што кулуминираше со трагичниот случај на новоизградената болница во Тетово која што се запали и за жал однесе 15 човечки животи, изјави пратеникот Антонио Милошоски.

– Оваа предлог-одлука ја засноваме на членот 68 од Уставот на Република Македонија, а слична таква предлог одлука доставиле оние кои што денеска ја критикуваат односно пратеничките групи на СДСМ и НСДП во 2013 година, 25 октомври врз основа на овој член доставиле предлог одлука за разрешување токму на оваа уставна норма – нагласи Милошоски.

Тој додаде дека Талат Џафери треба да се стави во улога на заштита на граѓаните и конечно да искаже политичка воља оставката на Венко Филипче да биде констатирана во Собранието, бидејќи, како што рече, после една ваква катастрофа најмалку што може Собранието да направи за граѓаните е да ја констатира оставката на Филипче, а потоа истражните органи да си ја водат работата кон тоа дали и кој сноси кривична одговорност.

– Има и прашања зошто не поднесовме Интерпелација за Венко Филипче што е исто така уставна и деловничка можност, одговорот е едноставен. ВМРО-ДПМНЕ пред три години поднесе интерпелација против тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и таа интерпелација Талат Џафери три години ја криеше во фиока, никогаш не дојде на дневен ред. Имаме уште неколку тековни интерпелации поднесено против министри од тековната Влада и Талат Џафери сеуште ги чува во фиока и не се дојдени на дневен ред. Затоа, не сакаме да си играме со ваквите можности затоа што Талат Џафери се поставува како заштитник на министрите, како да е министер во Владата, а не Претседател на Собранието како граѓански демократски дом – наведе тој.


Кузеска: Член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот

Во време на национална тага и целосна мобилизација на институциите за расветлување на случајот, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да профитираат на сметка на трагедијата, истакна на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа истакна дека недозволивата политизација на трагедијата го покажала политиканството и непознавањето на Уставот и законите од страна на Мицкоски.

– Уставот на државата е јасен, член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница. (член 94, Устав). Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат неодговорно, сето тоа е доказ за очајот во кој е западнат Христијан Мицкоски. Заврши времето кога политиката доминираше над правото – рече Кузеска.

Навесе дека има истрага која ја водат надлежни органи и една таква истрага – темелна, независна и професионална, ќе ги даде сите одговори.

– ВМРО-ДПМНЕ нема никакво право да се повикува на морал, а уште помалку пак има образ да го оценува работењето на Венко Филипче, кое го саботираше во секоја можна прилика. Тоа е партијата која во Собрание ја блокира изградбата на нов Клинички центар, која ја саботира борбата против ковид-19, ги поткопува мерките за заштита на здравјето, поддржува антиваксерски протести. Ова се само дел од причините поради кои раководството на оваа партија треба да се воздржи од користење на зборови како етика и одговорност и конечно треба да научат право, што е Устав и Закон и најважно да го почитуваат – додаде Кузеска.