Граѓаните гласаа за Стево Пендаровски и имаат високи очекувања. Оние што гласаа за него, пред се мислам на политичките партии кои го одржаа ќе бараат возврат за услугата. Сигурен сум дека ќе има политички фактури кои ќе треба да се наплатат. Во секој случај му пожелувам успешен мандат, изјави Антонијо Милошоски во Собранието по инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски.

Тој вели дека сега СДСМ и ДУИ имаат апсолутна одговорност пред граѓаните, бидејќи добија апсолутна власт.

-Сега ќе мора да ги испорачаат она што го ветуваа – живот за сите во Македонија- додаде тој.

Во однос на политичките кредити коишто ќе треба да ги враќа СДСМ, Милошоски даде период од седум – осум месеци, кога јавноста, според него, ќе биде сведок на ,,враќањето на високите кредити кон одредени политички партии”.

Отсуството на премиерот Зоран Заев од инаугурацијата го оцени како ,,чуден и невообичаен сигнал” и рече дека после ден – два може да видиме што ќе се случува и дали ќе има објаснување околу овој настан.