Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за најавите на министерот Османи за промена на Уставот со цел да му се удоволи на источниот сосед вели дека Османи може да коментира само промена на статут на ДУИ, а не промена на македонски Устав.

– Господинот Бујар Османи како член на ДУИ може да предлага менување на статутот на ДУИ, ако имаат за тоа потреба или ако за тоа чувствуваат некакви понуди или притисоци од своите членови. Но како министер за надворешни работи Бујар Османи нема право да го нуди македонскиот Устав, бидејќи тој не е на распродажба и да ја отвора Пандорината кутија за да задоволи нечии големодржавни интереси – истакна Милошоски.

Тој додаде дека македонскиот Устав е сосем пристоен, демократски, европски Устав и нема потреба истиот да биде предмет на поткусурување.