Шефот на дипломатијата Никола Димитров в понеделник ќе направи уште еден обид пред народните избраници да реферерира за достигнувањата во надворешната политика, откако вчера претседателот на собраниската Комисија за надворешка политика Антонијо Милошоски ја презакажа седницата, не откажувајќи се од класифицираните информации од лидерските средби кај претседателот Ѓорге Иванов.

Милошоски и вчера оневозможи да почне седницата, што беше сторено и претходниот ден, а на која Димитров треба да го изнесе своето екпозе и повторно побара пристап информациите за разговараното на две лидерски средби кај шефот на државата, во јануари и мај во врска со преговорите со Грција. Милошоски тврди дека министерот Димитров на средбите ветувал едно, а потоа постапил сосема поинаку.

Милошоски бара пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат да ги добијат класифицираните материјали од двете лидерски средби кај Ѓорге Иванов и иако тој нема таков сертификат, вели дека откако пратениците ќе ги добијат, седницата ќе ја води потпретседателот на Комисијата и документите ќе бидат разгледувани само од оние народни избраници кои имаат таков сертификат.

Тој потенцираше дека и покрај завчерашниот договор, материјалите иако уредно биле доставени до Собранието, се уште не се доставени до членовите на Комисијата и пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат и оти тоа говори дека власта и владејачкото мнозинство се обидуваат нешто да сокријат.

Најави дека откако пратениците, кои имаат безбедносни сертификати ќе ги добијат класифицираните информации, кои планираат со писмо да ги побараат од генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, седницата ќе се одржи. Продолжението Милошоски го закажа за в понеделник.

Минитерот Димитров, вчера побара збор и истакна дека е подготвен да разговара на која било тема во кое било време, но оти не е подготвен да биде соучесник или сведок на кривични дела.

– Немам ништо да кријам од целиот процес. Тоа што го кажувам пред вас, го кажувам пред граѓаните, тоа сум го разговарал и со Грција и со нивните претставници, со политичките лидери, со премиерот, претседателот. Објавување информации класификувани како државна тајна можат да направат трајни штетни последици врз државите интереси на РМ. Овој процес уште трае пред нас е референдум, а пред Грција ратификација. Објавување ставови и преговарачки позиции може да му наштети на овој процес – рече Димитров.

Тој кажа дека не знае за какви материјали станува збор бидејќи, како што посочи, на првата средба кај Иванов не било договорено да се водат белешки. Прашање е, потенцира Димитров, кој ги направил, како ги класификувал и како одлучил кому да ги достави. Истакна дека МНР нема материјал од лидерската средба од јануари 2018 година.

– Ова што се прави е упад и саботажа, која ја доживувам како андтидржавен потег – рече Димитров.

Пратениците од владејачкото мнозинство и вчера и завчера го предупредија Милошоски дека на ваков начин по изнесување детали од класифицирани материјали прави кривично дело, како и дека кривично дело е доколку тој имал увид во тие материјали, а нема безбедносен сертификат.

Класифицирани документи добиени од кој и да е орган, не можат да поседуваат лица без безбедносен сертификат, да бидат разгледувани на јавна седница и пред лица кои немаат таков сертификат, се посочува во вчерашното соопштение на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија во врска со непочитување на Законот за класифицирани информации од страна на претседателот на Комисијата за надворешна политика.

– Претседателот на Комисијата за надворешна политика повеќе од една година нема безбедносен сертификат, иако од стручните служби во Собранието му било укажувано дека е истечена важноста на претходниот – се наведува во соопштението од кабинетот на Џафери.

Според ова, како што е посочено во соопштението, пратеникот и претседател на Комисијата, согласно Законот за класифицирани информации, кој е без неопходниот безбедносен сертификат, не можел да бара, поседува и да изнесува јавно документи кои имале назнака „строго доверливо“.

– Антонијо Милошоски до Кабинетот на претседателот на РМ доставил барање за добивање материјали од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава, и на недозволив и заобиколен пат, лично, не преку архива, ги добива материјалите од Кабинетот на претседателот Иванов, нешто што не е според законот. Материјалот е отворен, и по неколку дена од други лица во Собранието е донесен во Архива за да се процесуира. Со ова овој материјал станува сопственост на Собранието – се наведува во соопштението.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ укажуват дека Талат Џафери постапил согласно член 52 од Деловникот за работа на Собранието, во кој е наведено дека пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна.

Оттаму напоменуваат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ниту криел, ниту крие некакви материјали и сознанија, туку постапил исклучиво според Законот и Деловникот и дека тој нема да дозволи незаконско работење во Собранието на РМ.

На седница, која веќе два дена се одложува своите платформата за дипломатските активности треба да ги презентираат и четворица новонаименувани амбасадори на Република Македонија во Кралството Норвешка Серџим Мухамед, во Република Полска Васил Пановски, во Црна Гора Михајло Трпкоски и Александра Миовска во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.