Пратеникот од ВМРО-ДМНЕ, Антонио Милошоски на вечерашната собраниска дебата за Предлог законот за решавање на спорот меѓу Владата и „Макпертол“ АД по пат на спогодба, рече дека ваков случај немало никаде во регионот.

– Вакво нешто не се случило никаде во регионот, никаде нема случај влада да предлага закон во кој субјект е владата од една и приватен стопанственик од друга страна. Закон се носи за општа норма и ако приватен субјект треба да реши проблем има закони кои тоа го регулираат, а ако не може да се најде договор, има судови кои одлучуваат по тоа. Мислам парите ќе се делат по по онаа едно евро за црквата, една за Вицето и многу пари за Андреја Јосифовски, телевизија ‘Телма’ и ‘Макпетрол’. И ова се случува во период на криза кога се одбиваат амандмани за да се помогне на граѓани и на правни лица – рече Милошоски.

Тој додаде дека државниот правобранител и неговите соработници како институција биле под голем притисок во 2019 година и почетокот на 2020 година.

– Имало до оваа институција многу дописи, дури и со заклучок од Влада дека државното правобранителство треба да го прифати овој договор. И покрај сите дописи и ургенции од Влада правобранителството го почитува законот и не подлегнало на пристоци – рече Милошоски.

Пратеникот преку цитати на државното правобранителство кажа дека се гледа дека имотната штета е констатирана и истата тежи 33 милиони евра.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и свое толкување зошто нема вакцина против корона во Македонија, додека има во земјите од регионот.

– Цела година Заев нема писмо напишано до фирмите производители на вакцината, ама има напишано осум писма до државната правобранителство. Заев не му е грижа за вакцините, туку му е гајле за 33 милиони евра. Тоа е зделка од 33 милиони евра која треба да ја делат со „Телма“ и „Макпетрол“ и знае Заев дека не му е легална, па сака да ја гласаат пратениците од СДСМ и да му ја изгласаат, но истата порано или подоцна ќе падне бидејќи е штетна за имотните интереси на државата и за граѓаните – кажа Милошоски.