Очекуваме сите политички партии да го почитуваат уставниот и законски рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори, одговори пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на новинарско прашање во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев за датумот на локални избори.

Милошоски истакна дека локалните избори не се определуваат по желба на било кој политичар, а ВМРО-ДПМНЕ очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок на 17 октомври да се случи првиот круг.

– Локалните избори не се определуваат за желбата на било кој политичар било и тој да е премиерот, локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври првиот круг – посочи Милошоски.

Тој рече дека сѐ друго значи прекршување на Уставот и законите.

– Сѐ друго би било неуставно и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит и незаконито да им се продолжи мандатот на градоначалниците и советите на општините. ВМРО-ДПМНЕ очекува сите политички партии да го почитуваат уставниот и законски рок – рече Милошоски.