На денешната собраниска седница се обрати и од ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“, Антонијо Милошоски кој наведе два според него важни аргументи поради кои според него не треба да се гласа за Талат Џафери да биде претседател на Собранието уште еден мандат.

– По однос на предлог точката за избор на претседател на Собранието, би сакал да истакнам два аргументи зошто нема да гласам за кандидатот Талат Џафери. Првиот аргумент е она искуство што го имавме од претходниот мандат. Споменато беше европското знаменце, замислете господинот Талат Џафери не само што многу предлог закони ги прифати тука да се расправаат со европско знаменце, а нема никаква допирна точка со европската регулатива, туку во октомври 2019 година го прифати и го прими од владата без да поднесе забелешки назад, што би било во негова надлежност доколку го почитува деловникот дури и законот за марихуана, со европско знаменце – рече Милошоски.

Како втор аргумент Милошоски ги наведе тврдењата на коалициониот партнер на СДСМ кои пред да се постигне договор за влада зборуваа за тоа дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека е криминална партија, па според него доколку овие тврдења се точни секој треба да се подзамисли пред да гласа за претседател на Собранието да биде Талат Џафери.

– Вториот аргумент за кој сметам дека не треба да се гласа за господинот Џафери како предлог-кандидат за претседател на Собранието се дадени од коалициониот партнер на господинот Џафери. Ако овие тврдења кои што се дадени од СДСМ се точни, тогаш денес навистина секој треба да се замисли што ќе се изгласа на чело на Собранието и каква ќе биде таа функционалност и кредибилитет на собранискиот дом.

Господинот Заев тврдеше на еден негов телевизиски настап на Алсат дека и ДУИ знае дека самите треба да одат во опозиција и да изградат економски став и програма. Тоа значи дека господинот Заев тврди дека ДУИ досега немале економска програма, а како висок претставник на ДУИ е токму и господинот Талат Џафери. Господинот Заев тврдеше дека „во 6-тата изборна единица ќе го победиме ДУИ, ќе ги победиме Алијанса и Алтернатива затоа што на народот му е преку глава од квази-патриоти и квази националисти“, а тоа значи дека господинот Талат Џафери има право да одбере едно од овие две дали е квазипатриот или квази-националист или можеби и двете.

Го гледам тука и господинот Касами кој исто така остро го критикуваше ДУИ, а кога се критикува ДУИ не значи дека се критикува членот од Форино или од Чегране, туку се критикуваат сите оние кои што ги преставуваат како раководство и кои исто така на митингот или трибината во Тетово кажа дека ДУИ е дел од недемократски режим каде што преовладува криминал и корупција. И сега како да му веруваме на потписот на Билал Касами и на потписот на Зоран Заев дека ние гласаме за чесен или за кредибилен претседател на Собранието, господинот Џафери или за она што го тврдеше господинот Касами или господинот Заев дека гласаме за криминал корупција и политичари кои немаат економска програма – потенцираше Милошоски.