Студија објавена во американското научно списание „Зборник на Националната академија на науки“ востанови дека сите животни што го имаат истиот ензим што го користи САРС-КоВ-2 за да зарази човечки суштества се еднакво изложени на ризик од инфекција со коронавирус. Според американското министерство за земјоделство, досега во САД се потврдени повеќе од 25 случаи на кучиња и мачки заразени со коронавирус. Сепак, од нивниот центар за превенција и контрола на болести образложија дека сопствениците на домашни миленици не мора да се грижат за веројатноста за меѓусебно пренесување!

Американска студија го објаснува ширењето на ковид-19 кај животните

Досега се објавени голем број извештаи во кои се објаснува можноста за зараза од ковид-19 кај домашните миленичиња, но и кај скитниците – мачките и кучињата. Не е никакво изненадување фактот дека тие се подложни на новиот вирус. Меѓутоа, што е со другите животни – домашните или дивите животни?
Според тимот истражувачи од универзитетот „Дејвис“ во Калифорнија, овие животни се дефинитивно на листата на „потенцијални пациенти“. Новата студија, која беше објавена во американското научно списание „Зборник на Националната академија на науки“, востанови дека сите животни што го имаат истиот ензим што го користи САРС-КоВ-2 за да зарази човечки суштества се еднакво изложени на ризик од инфекција со коронавирус. Овој посебен ензим се нарекува АЦЕ2 и може да се најде во голем број различни клетки во човечкото тело, вклучувајќи и во епителните клетки на белите дробови, носот и устата. Кога инфицира луѓе, коронавирусот се врзува за 25 аминокиселини на ензимот АЦЕ2.

„Идентификувавме голем број цицачи што потенцијално може да бидат заразени со САРС-КоВ-2 преку нивните АЦЕ2-протеини“, напишаа авторите на студијата. „Ова може да биде од голема помош во идентификацијата на „средните“ преносители на вирусот, како и во намалувањето на можноста за појава на идни епидемии на ковид-19.“
Со други зборови, животните што ги имаат истите 25 аминокиселини во овие ензими АЦЕ2, дефинитивно имаат највисок ризик од зараза со вирусот.
Покрај тоа што дојдоа до изненадувачки откритија за тоа кои животни се подложни на ковид-19, истражувачите се надеваат дека нивните напори може да помогнат за нивната заштита (добиток, диви животни), но и на ранливите загрозени видови, а особено кога се работи за големите човеколики мајмуни, за кои студијата покажа дека се подложни на овој вирус речиси исто колку и луѓето.
„Во групата животни за кои откривме дека се под најголема опасност од зараза со коронавирус се најде и дивечот“, се наведува во студијата.

„Овие сорти претставуваат опасна можност за прелевање на САРС-КоВ-2 од луѓе кон други подложни животни.“
Според американското министерство за земјоделство, досега во САД се потврдени повеќе од 25 случаи на кучиња и мачки заразени со коронавирус. Сепак од Центарот за превенција и контрола на болести од САД доаѓаат смирувачки тонови, од каде што образложија дека „сопствениците на домашни миленици не мора да се грижат за веројатноста за меѓусебно пренесување“.
„Вирусот што предизвикува ковид-19 се шири претежно од човек на човек по пат на респираторни капки, кои излетуваат од заразената личност преку кивање, кашлање и зборување“, велат оттаму. „Некои неодамнешни истражувања укажуваат дека и оние луѓе што се инфицирани а не покажуваат симптоми на болеста, секако, имаат свој удел во ширењето на ковид-19.

Во овој момент не постојат никакви докази дека придружните животни, вклучувајќи ги и миленичињата, би можеле да ја пренесат болеста на луѓе, ниту пак да бидат извор на оваа зараза на територијата на САД.“
Агенцијата истовремено им препорачува на сопствениците да ги спречат нивните миленичиња да комуницираат со други луѓе или животни надвор од домот. Доколку се наоѓаат на отворено, миленичињата треба да бидат држени на дистанца од најмалку два метри. „Третирајте ги домашните миленичиња исто како што ги третирате и другите членови на семејството“, советуваат од агенцијата.
– Доколку сопственикот на домашен миленик е позитивен на коронавирус, или се сомнева дека е заразен, сите контакти со животното треба веднаш да бидат прекинати – додаваат тамошните експерти.