Фото: Влада

Оваа година треба да се одржат локалните избори и фер е новите градоначалници да го започнат својот мандат со веќе дефинирани правила на игра во смисла на надлежностите и средствата со кои што ќе располагаат за нивно извршување, веќе од наредната буџетска година, истакна министерот за локлна самоуправа, Горан Милевски.

– Во однос на нормативната и стратешката рамка мислам дека обезбедивме услови за побрз и одржлив развој на локално и на регионално ниво. Со максимално ангажирање на централната и на локалните власти, но и со поголеми средства за развојни проекти можеме заедно побрзо да ги менуваме условите за живеење во сите општини – додаде Милевски на консултативниот настан со градоначалниците и други претставници од општините.

Според него, трите најважни документи кои што го определуваат развојот во наредниот период, се Стратегијата и Законот и Програмата, кои Министерството за локална самоуправа ги подготвуваше во консултација со сите засегнати страни, со ЗЕЛС, со општините, со Центрите за развој, со експертската јавност и со граѓаните. Важно е сите вклучени страни да бидат информирани и да го дадат својот придонес за да може да обезбедиме квалитетна имплементација и на Законот и на Програмата.

Милевски посочи дека новина е што со овој закон се воведува нова категорија – урбани подрачја, а тоа се општините и градот Скопје.

– Тоа значи дека покрај проектите за развој на планските региони, за развој на селата и за развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе се финансираат и проекти за развој на урбани подрачја за кои што ќе можат да аплицираат општините со седиште во град. Овие општини за разлика од руралните имаа свои специфичности, кои што согласно и со ЕУ регулативата треба дополнително да бидат подржани. Во изборот на проекти кои што ќе бидат финансирани со средства од Буџетот на Министерството и на Бирото задолжително ќе бидат вклучени и граѓаните преку организирање на Форуми во заедниците. Благодарение на предлозите на граѓаните реализиравме многу корисни инвестициски и иновативни проекти во сите осум плански региони. Нудиме и уште едно ново решение, тоа е можноста да се аплицира со поголеми проекти чија имплементација нема да биде ограничена на само една година. Програмата за одржлив локален развој и децентрализација е амбициозна, се фокусираме на подобрување на нормативната рамка, продолжување со децентрализацијата, продлабочување на фискалната децентрализација, дигитализација на административните услуги, подобрување на социјалните и комуналните услуги поттикнување на локалниот економски развој, поголема транспарентност и отчетност – рече Милевски.