На покана на претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Петре Шилегов, на денешната, единаесетта седница на Управниот одбор на ЗЕЛС присуствуваше и новиот министер за локална самоуправа, Горан Милевски. На состанокот, тој беше запознаен со генералните ставовина локалните власти, во насока на преземањето на следните активности за продолжување на децентрализацијата во земјата и нивно заокружување до 1 јануари, 2020 година.

Министерот Милевски информираше дека во разговорите со премиерот при преземањето на функцијата министер за локална самоуправа ги потврдиле ставовите дека процесот на децентрализација треба да продолжи во областите во кои што веќе има создадено услови, за да се обезбеди поголема финансиска оддржливост и функционалност на општините.

– Од мое лично искуство, како поранешен член на општински Совет, сметам дека навистина има простор за сериозни промени во финансирањето, како и во организирањето на локалната самоуправа. Со оглед дека постои расположение одредени надлежности да се пренесат уште од 1 јануари, 2020 година, следниот период ни претстои интензивна работа, која бара поголема оперативност и ефикасност од сите нас – рече Милевски.

Промените кои треба да бидат опфатени во овој процес на продолжување на децентрализацијата на власта, а кои беа посочени на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС начелно ќе се движат во три насоки. Првиот и клучниот се однесува на обезбедувањето на поголема финансиска независност на локалната власт. Јасно беше порачано дека општините нема да прифатат нови надлежности доколку првенствено не се обезбеди стабилизирање на финансиското работење на локалната власт и нејзините институции и дека нема да бидат прифатени нови надлежности без обезбедување на адекватни финансиски средства за нивна реализација.

Вториот пакет ќе биде насочен кон утврдување на можностите за преземање на нови надлежности и нивно попрецизно дефинирање и третиот пакет би се однесувал на организациската поставеност на работењето на локалната власт.