Рашела Мизрахи, кандидат за пратеник на листата на кандидати од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во втората изборна единица, денеска пред Музејот на македонската борба се осврна на тоа дека мора да се победи омразата која постои.

– Често пати се слуша призвук на антисемитизам во Република Македонија. За мене малку погласно од јануари годинава. Моето семејство е дојдено во Република Македонија по прогонот во 1492 од Шпанија, значи старо скопско семејство. Никогаш не се чувствував поинаква, никогаш не ми беше спомнато зошто моето е вакво или онакво, или дали сум поинаква која е мојата верска или национална припадност. Напротив се чувстував како една од сите и сеуште се чувствувам исто – рече Мизрахи.
Таа даде и одговор и објаснување за тоа што е антисемитизам.

– Антисемитизам е она кога омразата и гневот ќе преминат во лудило, а лудилото ќе премине во пандемија. Важно е да зборуваме за антисемитизам, затоа што во основа е омраза која ги поткопува темелите на демократијата и им се заканува на слободните граѓани. Тоа значи дека антисемитизмот не ги афектира само Евреите, ги афектира сите затоа велиме дека тој почнува со Евреите, но никогаш не завршува со нив – порача Мизрахи и додаде дека е длабоко благодарна на ситекои изреагирале на, како што рече, бурно инсценираните политички напади врз неа.