Македонија години наназад на свој грб ги чувствува прекршувањата на меѓународното право

Најголемите политички превирања и искушенија што интензивно ги доживеа Македонија во последниве години, во најголема мера се резултат на прекршувањето на меѓународното право, односно замижувањето на меѓународната заедница пред прекршувањето на меѓународното право на штета на Македонија. Се покажува и дека Западен Балкан претставува своевиден полигон за тестирање на границите за прекршување на меѓународното право, кога тоа е во интерес на геостратегијата на големите држави. Прашањето е само до кога

Искуствата на земјите од регионов во врска со примената на одредбите од меѓународното право, се повеќе соочување со лицемерност отколку некоја позитивна придобивка. Иронијата е во тоа што сите големи општествено политички промени што ги доживеаја земјите од т.н. Западен Балкан се случија во името на меѓународното право, но кога тие се повикуваат на него, тогаш на меѓународното право се гледа низ сосема поинаква призма. Најновите искушенија за меѓународното право од западнобалканското соседство доаѓаат од новиот косовски премиер Албин Курти, кој во своето прво обраќање најави дека Косово има намера да усвои закон за воено злосторство, геноцид и агресија од Србија. Според Курти, усвојувањето на тој закон има покритие во меѓународното право, но адвокатот Тома Фила потсетува дека за да се поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата, државата би морала да биде членка на Обединетите нации, а според резолуцијата 1244, која сѐ уште е во важност, (а од која Србија не отстапува во преговорите со Косово, под менторство на меѓународната заедница), Косово е територија, а не држава, односно не е членка на ОН. Сепак, Фила е сомничав во врска со примената на меѓународното право, кога на него ќе се повикаат малите земји.

– Меѓународното право е ограничено од волјата на силните. Тоа фактички постои само за малите држави, за нас, а за големите држави не постои. Првиот претседател на судот во Хаг, Антонио Касезе, рече дека кој и да се оглуши на Советот за безбедност на ОН, прави воено злосторство, а тогаш Америка нѐ бомбардира без одлука на Советот на безбедност и тогаш сѐ се менува – изјави Тома Фила за српските медиуми.
Со години е очигледно дека меѓународната заедница, главно сведена на ЕУ и на САД, применува иста методологија и сличен модел за решавање на соседските односи во регионот, главно во интерес на нивните геополитички интереси, не обрнувајќи многу внимание на меѓународното право. Прекршувањето на меѓународното право врз Македонија се практикува речиси од нејзиното осамостојување, кога Грција го наметна спорот за името, што доведе и до неколкугодишна економска блокада. Сите договори за олабавување на односите со Грција, во принцип важеа само за Македонија, додека јужниот сосед дрско го блокираше секој обид на Македонија за зачленување во меѓународните организации. Македонија дури доби и пресуда во своја корист од Меѓународниот суд на правдата, но Грција и сите засегнати страни (ЕУ и НАТО) се оглушуваа на тоа, или дури тврдеа дека немаат обврска да ја почитуваат таа пресуда на судот, иако тој е орган на Обединетите нации. Кулминацијата на дволичноста и лицемерството на меѓународната заедница во примената на меѓународното право, односно негово прегазување, Македонија најбрутално ги почувствува во последниве две-три години, кога речиси беше уценета да ратификува договори за добрососедство, со кои се согласи да го промени името, но и да се откаже од идентитетските обележја, за да добие покана за членство во НАТО, односно да започне преговори за членство во ЕУ. Цинизмот на меѓународната политика во однос на примената на меѓународното право дополнително се искажа кога и покрај сите политички и суверенитетски жртви што ги направи Македонија, сепак не доби датум за почеток на преговори со ЕУ. Најрелевантни светски имиња по меѓународно право отворено и јавно се изјаснија во однос на неправдите и прекршувањата на меѓународното право направени на штета на Македонија.

– Претставен до самата граница на Македонија како решение на еден од најстарите и закоравени проблеми на регионот и рекламиран кон народот на РМ како клуч за посакуваниот и заслужен влез во Европската Унија и во НАТО, Преспанскиот договор е, како прво, олицетворение на едно предавство на основните начела на меѓународното право и како второ, сосема празно ветување без никакви гаранции. Во првиот случај, бидејќи значи давање право на една земја – Грција – да се меша во внатрешните прашања на друга земја – Македонија – оставајќи ги на тој начин на милост на еден билатерален договор прашањата за името, идентитетот на народот па дури и јазикот, определби што ниедна слободна земја не би требало да дозволува да бидат одлучувани од некој однадвор, туку само од своите граѓани. Згора на тоа, Грција поседува јасна предност како член на двата гореспоменати сојузи (алијанси) при кои Македонија цели да пристапи. И второ, отстапките што сега и овде се очекуваа од Македонија ќе беа само во замена за едно нејасно ветување за почнување преговори за членство што би можеле да водат некаде или да не водат никаде, и чиј успешен заклучок на крајот на краевите не ни беше во рацете на Грција – го оцени за „Нова Македонија“, Преспанскиот договор, веднаш по потпишувањето, професорот по уставно право од Шпанија Карлос Флорес Хубериас.

Всушност, сите политички превирања и искушенија што интензивно ги доживува Македонија во последниве три години, во најголема мера се резултат на прекршувањето на меѓународното право, односно замижувањето на меѓународната заедница. Се покажува дека Западен Балкан претставува своевиден полигон за тестирање на границите за прекршување на меѓународното право, кога тоа е во интерес на геостратегијата на големите држави. Прашањето е само до кога.