Точката 9 од декларацијата на видеосамитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа на 6 мај, во организација на хрватското претседателство на Унијата, според бугарскиот премиер Бојко Борисов, содржи инструкциски капацитет, кој треба да ги дефинира македонско-бугарските односи во блиската иднина, како предуслов Македонија воопшто да добие шанса за остварување на европската перспектива. Иако во конкретната точка воопшто не се споменува името на државата Македонија, таа треба да се препознае во формулацијата: „ЕУ целосно ги поддржува заложбите на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнувањето на добрососедските односи, вклучувајќи и со државите-членки на ЕУ.

Во тој поглед, и понатаму е важно билатералните договори да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Понатамошни и одлучни напори треба да се посветат на помирувањето и регионалната стабилност, како и на пронаоѓањето и спроведувањето, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи – вклучувајќи и со Спогодбата за прашањата за сукцесија – на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и проблеми меѓу партнерите чиј корен лежи во наследството од минатото“.

Во случај Македонија да не се „препозна“ себеси во точката 9 од декларацијата, бугарскиот премиер јасно кажа дека токму на таа точка ќе се повикува Бугарија за да поставува вето на секое поглавје при евентуалното започнување на преговорите. Но она што го привлече вниманието на македонската политичка јавност е повикувањето на меѓународното право во декларацијата, како препорака за „пронаоѓање и спроведувањето… конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и проблеми меѓу партнерите чиј корен лежи во наследството од минатото“.
Искуството на Македонија со примената и почитувањето на меѓународното право е многу контроверзно и на нејзина штета.

Иако во 2011 година имаше добиено пресуда во спорот со Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (кој претставува орган на Обединетите нации), дека јужниот сосед не смее да ја попречува во зачленувањето на меѓународните организации, тој акт на меѓународното право беше игнориран од самите меѓународни организации, како НАТО и ЕУ. Пренебрегнувањето на меѓународното право од страна на меѓународната заедница во случајот со Македонија беше толку флагрантно, што резултира со Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција.

Според еминентни експерти на меѓународното право, тој договор, како впрочем и Договорот за добрососедство со Бугарија, е целосно асиметричен, што го претвора меѓународното право во алатка за спроведување намери и цели на одредени држави, целосно спротивни на неговата суштина за постигнување праведност во меѓународните односи. Освен тоа, меѓународното право во голема мера се доведува во контрадикција на основните човекови права (правото на самоопределување, себеименување, правото на сопствен јазик) и принципот јус когенс.

– Во зоната на самракот на меѓународното право, Република Бугарија, но и ЕУ, која ја превиде хашката пресуда, па дури и замижа пред јус когенс (ius cogens), сега бараат целосна имплементација на договорите меѓу Република Македонија и ЕУ-членките, што ќе рече Хеленската Република/Република Грција. Но еве што вели Преспанскиот договор за македонскиот јазик, како службен јазик, во членот 1(3)(ц): „Официјален јазик на Втората страна е македонскиот јазик, признаен на Третата конференција на ООН за географски имиња, одржана во Атина во 1977 година, како што е елаборирано во членот 7 (3)! Јас, се разбира, не го менувам својот став кон Преспанскиот договор и не се повикувам на него, ама Бугарија и ЕУ инсистираат на неговото спроведување. Очигледно е дека Република Бугарија, омоќена со статусот членка на ЕУ, арогантно западнала во себеконтрадикција! Ем е „за почитување“ на меѓународното право, ем не го признава и му противречи – пишува професорката по Уставно право Гордана Силјановска-Давкова за контрадикторниот однос и примената на меѓународното право од страна на ЕУ и нејзините земји-членки спрема Македонија.

Претходно, во својот текст, професорката Силјановска-Давкова укажува дека еден од новите бугарски услови за потврда на македонската преговарачка рамка со ЕУ е „прифаќање на едностраната бугарска ревизија на договорената јазична клаузула, според која, за македонскиот јазик, како официјален/службен јазик, стоеше: ’македонскиот јазик во согласност сои Уставот на Република Македонија’.“ Силјановска-Давкова во таквиот услов препознава дека Република Бугарија бара бришење, всушност обезименување на македонскиот јазик и избегнување на интерпретацијата дека се признава постоењето на посебен македонски јазик! На крајот од својот текст, професорката по Уставно право заклучува дека „македонскиот јазик е национална, колективна и индивидуална татковина на македонскиот народ… и е неразделен елемент на македонскиот национален идентитет и на правото за самоопределување“.

Билатералните спорови и проблеми меѓу партнерите чиј корен лежи во наследството од минатото, како што еуфемистички се нарекува во декларацијата од самиот ЕУ – Западен Балкан децениската (па и вековна) македонско-бугарско неусогласеност, засилено добиваат на интензитет поради стратегиските македонски аспирации за членство во ЕУ. Колку и да се истакнува (дури и воздржано, па и отворено) дека Македонија (и Западен Балкан) природно ѝ припаѓа на ЕУ, сепак кандидатската позиција ја прави цел на сѐ поневозможни услови од страна, пред сѐ, на соседите-членки на Унијата. Во македонскиот политички амбиент знаат да провејуваат и ставови дека за постигнување на сопствените европски аспирации треба да се прифатат сите услови, без оглед на жртвите.

– Уверувањата од страна на нашите политичари задолжени за европска и за надворешна политика дека бугарското барање за дефинирање и преименување на македонскиот јазик немало да помине бидејќи не било во духот на европската демократија, може да ги голтнат само наивните. Имено, и грчките барања за името на државата и историјата беа противни на сите демократски начела и меѓународни правни норми, но постепено, додека нашите политичари спиеја, беа прифатени, одобрени, фалени и на крајот наметнати од белосветските демократи, а од домашните послушници спроведени, спротивно на јасната волја на народот. Тврдењето, пак, на бугарскиот премиер дека „… неговата земја не забранува да го користиме јазикот што сакаме“, најблаго речено, е смешно, зашто не е јасно како може на еден народ да му се забрани такво нешто, освен ако не биде окупиран!…Има теми за кои не може да се расправа, а камоли да се преговара – комисиски – пишува во „Нова Македонија“ универзитетската професорка по античка историја Наде Проева.