Фото: Игор Бансколиев

Се очекува Владата денеска да ги усвоите новите мерки што ги препорача Комисијата за заразни болести, со кои за одење на работа ќе биде потребен сертификат со примени две дози вакцина или негативен ПЦР-тест на свој трошок, кој ќе важи 72 часа. Токму заострените мерки против ковид-19 деновиве предизвикаа бран масовни протести во регионот и низ Европа. Може ли слично сценарио на протести и незадоволство да се прелее и во Македонија и како да се справиме со сите овие предизвици

ПАНДЕМИЈАТА ГО РАЗБОЛУВА И ГО ПОЛАРИЗИРА ОПШТЕСТВОТО

Мерки за спречување на вирусот и за заштита, или мерки што дополнително ќе придонесат кон поларизација на општеството? Ова е дилемата откако здравствените власти најавија дека за одење на работа ќе бидат потребни сертификати со две дози вакцина, но и дека сертификатот за прележаност ќе важи само 45 дена. Експертите велат дека на државата ѝ требаат мерки што нема да прават дополнителни поделби, мерки што ќе бидат спроведливи и ќе донесат позитивни ефекти во епидемиолошката состојба. Тие се сомневаат дека вака формулираните предлози ќе бидат корисни, туку напротив, може да бидат контрапродуктивни.
Антиковид-мерките предвидуваат вработените за да влезат на работното место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР-тест што ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или ќе имаат потврда за прележан ковид, но не постара од 45 дена. Во случај некои од вработените да имаат имунокомпромитирачки болести и да не смеат да примат вакцина против коронавирусот, треба да прикажат потврда од лекар специјалист. За здравствените работници, пак, вакцинацијата е задолжителна, според новите предложени мерки што се очекува денес да бидат усвоени на седница на Владата. Но токму новите порестриктивни мерки против ковид-19 деновиве предизвикуваат масовни протести во регионот и во Европа
Во Загреб се одржа голем протест против построгите ковид-мерки. Демонстрантите се собраа на две места и излегоа на протестна прошетка низ улиците на главниот град на Хрватска.

Еден ден откако австриската влада одлучи да воведе карантин за сите граѓани и задолжителна вакцинација од 1 февруари, противниците на ваквите мерки организираа протести во центарот на Виена.
Илјадници луѓе се собраа во центарот на градот, на неколку локации, а најголемиот собир беше во Хелденплац, каде што Слободарската партија на Австрија (ФПО) повика на протест. Може ли слични сценарија и масовни протести да се случат и кај нас?
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека мерката за прележаните да приложат потврда за прележан ковид-19 не постара од 45 дена е епидемиолошки неоправдана и бесмислена.
– Секаде во светот се бара потврда за прележаност во период од 6 до 12 месеци, имајќи предвид дека заштитата по прележување, ако се развијат антитела, емпириски е покажано трае толку долго. Значи, многу подолго отколку по вакцинација. За мене е нејасно како експертите од комисијата дошле до сознание дека имунитетот по прележување штити само 45 дена. Досега јас немам најдено поткрепа за тоа во ниедна научна студија. Многу поцелисходно би било од епидемиолошки аспект, во функција на редукција на епидемиолошките ризици, да се бара потврда за поседување имунитет и од вакцинираните и од прележаните Зашто, поинаку, прележаните сосема неоправдано би биле дискриминирани – вели Даниловски.
Тој вели дека е неприфатливо слепо пресликување на мерките од други земји.
– Комисијата за заразни болести не ги спомнала мерките за носење маска, држење растојание во затворени простории и миење раце. Тоа може погрешно да се протолкува, дека тие мерки веќе не се потребни. Напротив! Исто така, неприфатливо е слепо пресликување на мерките од други земји. Зошто непотребно да се предизвикуваат тензии и поделби во амбиент кога веќе на сите им е смачено? Уште, згора, со мерки што немаат логика – вели епидемиологот.
Социологот Илија Ацески вели дека за поединецот постои една состојба кога нешто му се наметнува од надвор, тоа му предизвикува револт, односно не постои некоја сила што може да му наметне дека мора да го прави тоа.

– Еден дел од луѓето верува во теории на заговор, не верува дека ова е некаква опасност. Но тоа е индивидуална одлука на човекот. Ја имаме втората страна, што е државата. Кога го бара тоа државата, тоа мора да се разграничи, зашто некои ќе ги почитуваат мерките во однос на другите, кои нема да ги почитуваат мерките. Што треба да направат институциите за и едните и другите да го носат тој товар на својата одлука? Тоа е клучното прашање – посочува Ацески.
Според него, како поединец, човекот може да верува во што сака, но државата ни дава забрана да не можеме да влеземе секаде, зашто со тоа го загрозуваме другиот.
– Мора да се преземе кампања, да се укаже, да се едуцираат граѓаните дека постои опасност. Но во тие рамки треба да постои и казнување – заклучува тој.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека мерките што ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава, како и за покачување на вакцинацијата во државата.
– Болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани а хоспитализирани се движи од 75 до 80 отсто. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други – посочи тој.
Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја се вакцинирани, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Дека вакцините се докажано безбедни, ефикасни и штитат од тешка форма на болеста, Филипче го посочи примерот со Велика Британија и во Украина. Во Британија, процентот на вакцинирани е над 70 отсто, а пред два дена имаше 39.000 нови случаи и само 47 починати, Украина истиот ден имаше 12.000 нови случаи и над 500 починати. Украина има само 20 проценти вакцинирано население, смртноста во оваа земја е 10 пати поголема.

Шефот на регионалната канцеларија на СЗО смета дека ваквата епидемиолошка состојба е поради студеното време, недоволно вакцинираните лица и доминацијата на позаразната делта-варијанта на вирусот.
Тој повика на зголемување на бројот на вакцинирани, спроведување на основните мерки за јавно здравје и нови начини на лекување за да се спречи ширењето на болеста. Тој смета дека обврската за вакцинирање треба да биде „последна мерка“ по која се прибегнува, но дека би било вистинско време за „правна и социјална дебата“ по ова прашање.

[email protected]