Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минатата недела вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука да прогласи нов празник посветен на лекарите и медицинарите, како нивен заштитник поради нивниот придонес во борбата против пандемијата. За издвојување е што, пак, нашата Македонска православна црква-ОА и православните верници одамна го чествуваат празникот посветен на лекарите, а тоа е Свети Врача, посветен на Свети Дамјан и Козма. Но, сепак, и одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј, од духовен аспект, е огромно признание за сите медицински лица поради нивниот придонес во борбата против пандемијата

Вселенскиот патријарх донесе одлука за прогласување нов празник посветен на медицинските лица

Ќе го следат ли другите православни цркви примерот на Вселенската патријаршија и дали во календарите за чествување ќе го внесат новиот празник Недела на сите светии лекари? Минатата недела вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука да прогласи нов празник посветен на лекарите и медицинарите, како нивен заштитник поради нивниот придонес во борбата против пандемијата.
Таа одлука на Вселенската патријаршија, можат, но и не мораат да ја следат сите православни цркви, бидејќи е одлука од локален карактер, што обично го прават сите цркви, но сепак поради моментот е важно дали и колку цркви ќе ѝ се приклучат.
– Светиот и свештен синод на мајката црква реши да ја востанови неделата, најблиску до 17 и 18 октомври секоја година, кога се одбележуваат Соборите на Светите бесребреници и Светиот апостол и евангелист Лука Лекар како заеднички празник Собор на сите свети лекари, принос на медицинската наука и на нејзините лекари за целото општество – стои во соопштението на Вселенската патријаршија.
Дали и Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја прифати ваквата одлука на Вселенската патријаршија и на тој начин ќе им оддаде почит на докторите?
Одлуката за ваквите промени во календарот на МПЦ-ОА ги прави Синодот.
Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ, вчера посочи дека одлуката на Вселенската патријаршија е локална и нема потреба МПЦ да ја прифати.
– Ние како црква веќе имаме празник што е посветен на лекарите, а тоа е Свети Врача, посветен на Свети Дамјан и Козма – посочува г. Тимотеј.
Во одлуката, вселенскиот патријарх Вартоломеј го потенцира значењето на лекарите, медицинските сестри, специјалистите како една од причините тие да бидат почитувани од црквата.

– Уште од христијанската древност до современоста, лекарите, медицинските сестри, специјалистите, како многу обични и свесни христијани му служеле на човештвото. Во одлуката се искажува голема благодарност, пофалби за работата на лекарите. Оваа одлука на Вселенската патријаршија доаѓа во годините на најтешката светска пандемија во современиот свет, како и напорите на медицината за сузбивање на ковид-19 преку вакцина – се вели во одлуката.
Инаку, во календарот на МПЦ пишува дека Свети Дамјан и Козма биле родени браќа, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух.
– Имале голема благодат од Бога да ги лекуваат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со едноставно полагање на рацете врз нив. За својот труд не барале никаква награда, единствено да се поверува во Господ Исус Христос. Самите биле прославувани на сите страни. Им позавидил на славата еден лекар, кој некогаш им бил учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однел в планина и ги убил со камења. Чесно пострадале за верата Христова во 284 година – пишува во житието за нив.
Одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј да донесе одлука за прогласување нов празник посветен на лекарите и медицинарите, како нивен заштитник, е значајна за одбележување од два аспекта.
Прво, Цариградската патријаршија, сепак, по првобитните преиспитувања за постоењето на ковид-19 како закана за човештвото, сега праќа недвосмислена порака на верниците дека „чумата на 21 век“ навистина постои и дека црквата ги мобилизира сите свои ресурси за превентива и заштита на луѓето, вклучувајќи го и специфичниот црковно-религиозен приод, а имено со прогласување светец заштитник на медицинарите.
Втор битен аспект на чинот на прогласувањето нов светец од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј, е да се обрне внимание во следниот период на тоа кои други цркви, всушност, ќе ја прифатат иницијативата на Вартоломеј и ќе дадат сигнал дека го следат вселенскиот патријарх, односно ќе застанат зад Цариградската патријаршија во православниот свет, каде што во моментов постојат одредени недоразбирања и разидувања во два правци во врска со познатите црковно-политички прашања.

[email protected]