Министерството за внатрешни работи (МВР) извести за одредени изборни нерегуларности, односно за помали инциденти при кои биле пронајдени летоци со содржина поврзана со претседателските избори и имало фотографирање на гласачко ливче. Пријавени се и случаи на агитирање и задржување на лица во близина на гласачки места, но нема потврда од МВР за ваквите наводи.

Позади основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во Скопје, надвор од гласачкото место, пронајдени се околу 10 летоци со содржина во врска со претседателските избори. Исто така, на улица „Коста Новаковиќ“ во две згради, од страна на граѓани е пријавено дека има расфрлени летоци со содржина во врска со претседателските избори.

Во 12.30 часот, од Општинската изборна комисија на гласачко место број 0764 во село Другово, Кичевско, пријавено е дека Ј.Ј. со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Лицето е повикано во ПС Кичево и известен е јавен обвинител.

Во 14.30 часот, од страна на заменик-претседател на Избирачкиот одбор на гласачко место број 2666, во Основното училиште „Златан Сремац“, на подрачје на ПС Кисела Вода, пријавено е дека скопјанецот В.Ч. (31) од ходникот, со мобилен телефон го сликал избирачкиот одбор. Тој е задржан од страна на полициски службеници и одведен во ПС за понатамошна постапка.

С.С. телефонски пријавил во ПС Кочани, дека во близина на гласачките места број 875 и 876 во село Чешиново, Кочанско, неовластено се задржувале неколку лица. Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што не успеале да ги потврдат наводите од пријавата.

Од страна на општинскиот огранок на политичка партија од Чешиново-Облешево во писмена форма пријавено е дека две лица од село Облешево со патничко возило вршеле агитација во село Облешево. Полициски службеници кои излегле на местото на настанот не ги потврдиле наводите од пријавата.