Министерството за внатрешни работи вршело контроли и во Автомото здружението Гостивар, како и во другите правни лица што вршат ваква дејност. Ова го истакнуваат од МВР отфрлајќи го како дезинформација изнесеното на прес-конференција од партијата ВМРО-ДПМНЕ во врска со контролите во Автомото здружение Гостивар.

-На 04.04.2018, согласно програмата за работа на Секторот за сообраќајни работи во Бирото за јавна безбедност, извршена е редовна контрола над „Авто мото здружение Гостивар“ и утврдени се недостатоци и пропусти во работењето, односно утврдено е дека не се обезбедува видео запис од возила што извршиле технички преглед, што е спротивно на чл. 8 од Правилникот за технички преглед на возила и поради тоа од страна на МВР е донесено Решение за изречена мерка – Забрана да врши технички преглед на возила и неправилноста да ја отстрани во рок од 30 дена. Правното лице го отстранило недостатокот и писмено го известило МВР дека тоа е направено, по што стручни лица од МВР извршиле повторен надзор и констатирале дека недостатокот е отстранет, за што се изготвени записник и службена белешка. Откако е констатирано дека недостатокот е отстранет, на 15.8.2018 е донесено решение дека правното лице може да продолжи со работа, бидејќи ги исполнува законските услови, појаснуваат од МВР.

Апелираат до политичките партии да не шират дезинформации и шпекулации и да не се обидуваат да ја злоупотребат оваа трагедија и да остават институциите да ги утврдат причините за овој трагичен настан.