Фото: Игор Бансколиев

Она што требаше да биде демократски исклучок во македонскиот политички амбиент, сѐ повеќе се покажува дека се применува како „легитимно правило“ во политичката борба. По неколкугодишна бомбашка практика, за која нема индиции дека наскоро ќе биде напуштена, се поставува прашањето дали постојат надежи за воспоставување или враќање на стандардните принципи на демократијата и политички натпревар што ќе се темели на соочување и одмерување програми и аргументи, наместо на емитување нелегални снимки и пукање т.н. бомби

Во континуитет од неколку години, со симптоми што се манифестираат во одредени временски интервали, во форма на емитување незаконски снимени прислушувани разговори, се покажува (и докажува) дека македонската демократија длабоко е втурната во маѓепсаниот круг на своевиден бомбашки синдром. Последните објавени „бомби“ од опозицискиот политичар Антонио Милошоски, во јавноста се претставени само како најава за некаков „предизборен земјотрес“, со уште повеќе прислушувани разговори на претставници од актуелната власт, што, пак, претставува само менување на улогата, т.е. менување на корисниците на еднаш веќе испробаниот метод за промена на власта. Она што требаше да биде демократски исклучок во македонскиот политички амбиент, во интерес на повисоки цели за пребродување на т.н. фаза „заробена држава“, сѐ повеќе се покажува дека се применува како „легитимно правило“ во политичката борба. По неколкугодишна бомбашка практика, за која нема индиции дека наскоро ќе биде напуштена, се поставува прашањето дали постојат надежи за воспоставување или враќање на стандардните принципи на демократијата и враќање на принципите на политички натпревар што ќе се темели на соочување и одмерување програми и аргументи, наместо на емитување нелегални снимки и пукање таканаречени бомби. Истовремено се наметнува и дилемата како ќе влијае ваквата состојба врз изборните процеси во Македонија, врз перцепцијата на граѓаните за политичките процеси и, конечно, каков ефект ќе предизвикаат „бомбите“ во процесот на евроинтеграцијата.

– Синдромот на т.н. бомбашка демократија се претвори во едно грдо правило, кое не смее да биде принцип на политичко дејствување, но политичката јавност како сѐ уште да е гладна за нови прислушувани разговори. Одредени истражувања што ги имаме работено, пак, покажуваат дека граѓаните се заситени од пресметките на политичките елити и дека пред сѐ се заинтересирани за социјалните прашања (поголеми плати, вработувања, запирање на иселувањето). Колку и да не ми се допаѓа објавувањето прислушувани разговори како инструмент во политичката борба, очигледно е поефикасен за некој да биде симнат од власт отколку водење принципиелна политика и потпирање на политичката програма кога се излегува на избори. Политичката битка што се води преку објавување „бомби“ го доведе македонското општество во состојба на аномија, односно беззаконие, во кое законите постојат привидно, но не се спроведуваат. Тоа секако лошо влијае и на македонските евроинтеграции. Колку и да ни се чини нам дека во ЕУ замижуваат на ваквата состојба (во интерес на некои нивни политики и проекти), сепак сето тоа е забележано и затоа немаме датум за почеток на преговорите – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.

Костов смета дека практиката на објавување прислушувани разговори во јавноста има обратнопропорционален ефект кај партиите и кај граѓаните пред избори. Кај партиите тие влијаат мотивирачки во битката за освојување на власта, додека за граѓаните, колку и да се верува дека е голем интересот за бомбите, сепак се демотивација за излегување на гласање. Костов проценува дека новообјавените „бомби“ ќе имаат влијание и во процесот на предизборно коалицирање.

Во контекст на влијанието на „бомбите“ во перцепцијата на македонскиот политички амбиент, професорот на Правниот факултет при УКИМ, Денко Малески, констатира дека дури сега разбираме што значи кога своевремено дозволивме (како граѓани) политичките партии во Македонија во битка за власт да ја запустат демократијата.

– Отсуството на контрола врз оние што ја имаат моќта да прислушуваат и да ги објавуваат прислушуваните разговори, спротивно на законот, откривањето на големи афери во политичката битка, од ексцес се претвори во прифатена практика. И сега сме зафатени со содржините на т.н. бомби, но вистинскиот предизвик е како да стигнеме до нормална состојба, каде што ваквите испади ќе бидат исклучени и ќе профункционира законот (само преку судска процедура ќе се дозволува примената на вакви мерки). Но сега топката се тркала и секоја партија смета дека има право (кога веќе еднаш е употребено) да ги користи таквите методи за да дојде на власт – вели професорот Денко Малески.

Таквиот статус на „бомбите“, како своевидно легитимно средство во борбата за власт, Малески смета дека ја потхранува вечната борба меѓу партиите, што се манифестира со отсуство на принципиелен дијалог, отсуство на консензус за важни прашања и немањето желба за надраснување на партиските (и личните) интереси за некои повисоки државни цели.

– Секако, таквиот однос меѓу политичките партии во Македонија претставува хендикеп во процесот на преговарање за членство во ЕУ. Во тој процес се бара токму сѐ што е спротивно од меѓупартиски односи на актуелната македонска политичка сцена: се бара договор, консензус и надминување на партиските интереси – истакна Денко Малески

Како илустрација за загриженоста на меѓународната заедница за состојбата на демократијата во Македонија, по првото објавување на бомбите, професорот Малески ја наведува дилемата на еден поранешен дипломат во нашата земја, кој се чудел како отсега (по „бомбите“) ќе функционира нашата демократија, кога секој се плаши да му биде откриено нешто приватно од прислушуваните разговори.

Синдромот на т.н. бомбашка демократија се претвори во едно грдо правило, кое не смее да биде принцип на политичко дејствување
Фото: Игор Бансколиев