Фото: Илустрација / Архива

Матуранти во повеќе градови низ државата ја бојкотираат наставата, поддржани од Сојузот на средношколци, и најавуваат дека нема да престанат со бојкотот додека не им се исполнат барањата.Тие сакаат наместо четири матурски испити, да се полагаат два. Од друга страна, надлежните во Министерството за образование и наука веќе најавија дека државната матура ќе се полага од 29 мај до 14 јуни. Оттаму засега нема најава или насока како да постапат училишните раководства со учениците што отсуствуваат од настава.
– Бојкотот трае од првиот ден од второто полугодие (21 јануари) и продолжува во истите градови. Во Тетово целосно се бојкотира, во Гостивар, Кичево, Дебар, Струга и во Охрид. Настава не следат ниту матурантите во Битола и Прилеп. Делумно се протестира во Куманово и во Скопје, за што имаше притисоци од страна на класните раководители и директорите, кои по состанокот со министерката Мила Царовска имале средба со родителите на матурантите, на кои им вршеле притисоци да не продолжуваат да бојкотираат. Има најави за родителски средби, а со тоа и за притисоци – рече Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци за „Нова Македонија“.
Тој кажа дека став на Сојузот е матурантите да ја бојкотираат наставата до петок, а дотогаш ќе иницираат петиција за поддржување на нивните барања, кои ќе ги испратат до Министерството за образование и наука.
– Ќе пратиме и писмо и барање до пратениците во Собранието, ќе бараме да се отвори дискусија за темата за државната матура. Не е исклучена и можноста за протест – додаде Ходаи.

Инаку, овој сојуз неодамна предупреди дека во многу случаи наставата од далечина била дискриминаторска, односно не им дозволувала еднакво учество на средношколците што немаат пристап до ИКТ-опрема или интернет.
– Сојузот изработи две истражувања што ги потврдија овие наоди: 80 проценти од учениците ја оценија онлајн наставата со 1, 2 или 3, т.е. со ниски оценки. Образовните власти не успеаја да се справат со образованието за време на пандемијава. Учениците сѐ уште пријавуваат проблеми со интернет-врските во нивното училиште, нередовното присуство на голем број ученици и самата (не)валидност на оценувањето од далечина – реагираат од Сојузот на средношколци.
Во меѓувреме, ставот на МОН е дека нема да се прават промени во однос на содржината и начинот на полагање на државната матура. Треба да се полагаат три екстерни предмети – задолжително (мајчин јазик, странски јазик или математика) и уште еден изборен испит за кој се понудени десет предмети. Покрај екстерните, државната матура опфаќа и интерен предмет и проектна задача.