Претстојниот референдум е најважниот глас во историјата на вашата нација. Граѓаните да го искористат своето демократско право и да гласаат на референдумот кој е историски за натамошниот напредок на Македонија на патот на интегрирањето на земјата во НАТО и ЕУ,  и во тоа ја имате поддршката од САД, порача американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Го препознаваме комплексниот политички процес кој ви претстои и ве поддржуваме во остварувањето на вашиот демократски глас и одговорност да гласате. Неодамна прославивте годишнина од референдумот на кој над 95 отсто од граѓаните се одлучија за независноста на земјата. За две недели вашите граѓани уште еднаш ќе добијат можност да ја придвижат земјата напред- рече Матис.

Американскиот секретар за одбрана ги поздрави напорите на Македонија и Грција за постигнување на договорот од Преспа кој, како што кажа, ќе овозможи спроведување на клучните реформи во процесот на опристапување во НАТО и ЕУ, ќе ги зајакне безбедноста и економнскиот развој на Македонија.

– Ви аплаудирам за вашите неуморни напори да го постигнете историскиот договор од Преспа со Грција. Знаеме дека тоа бараше трпелива дипломатија од двете страни и компромисите се секогаш тешки – рече Матис, искажувајќи благодарност до Заев и Шекеринска за нивниот ангажман во разрешувањето на како што наведе, „тешкиот спор за името“.

Потсети на изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека со приклучувањето во НАТО, Македонија ќе добие еднакво место во најуспешната воена алијанса заедно со 29 други земји членки кои, како што наведе Матис, се обврзуваат да ве штитат вас и вашата безбедност“.

– Тоа носи зајакната безбност, како и зајакната економски развој, кажа американскиот секретар за одбрана и посочи на примерот на Црна Гора каде што странските инвестиции се удвоија по нејзиниот прием во НАТО.

Нагласи и дека Алијансата се залага и за зачувување на територијалниот интегритет и на слободата и демократијата.

– Ние сме подготвени да ви посакаме добредојде како 30. членка на НАТО- порача секретарот за одбрана на САД.

Матис најави оти денеска ќе се сретне и со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов со кој, како што рече, ќе ги продолжи разговорите за светлата иднина што и претстои на земјава.

Премиерот Заев нагласи оти ова е уште еден свечен ден за Македонија поради посетата на висок американски функционер. Тој истакна дека Матис доаѓа во исклучително важен период кога граѓаните на Република Македонија се подготвуваат на референдумот да го дадат својот глас за прифаќање на договорот со Грција, а со тоа и за нашето членство во НАТО и ЕУ.

– Посетата е уште една потврда за охрабрувањето и афирмирањето на нашето стратешко партнерство и е силен поттик за исправноста на политиките што Република Македонија ги презема на планот на дијалогот, толеранцијата- рече Заев.

Министерката Шекеринска нагласи оти посетата на Матис е силна потврда за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД.

– Два податока многу гласно говорат. Вашата посета е прва посета на Македонија од страна на секретар за одбрана на САД по цели 14 години. Првпат во нашата историја како независна држава ни се случува во една година практично за помалку од шест месеци секретар за одбрана на САД и македонски министер за одбрана да имаат две средби во Вашингтон, но и во Скопје. Сето ова говори за нашето стратешко партнерство, но сето ова говори и за вашата лична заложба за Македонија и за нејзиното членство во НАТО – рече Шекеринска.

Нагласи дека Македонија денес се наоѓа на еден чекор од членството во НАТО и на тој пат Македонија од самиот почеток ја добивала силната поддршка на САД.