Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис претпладнево пристигна во Владата на средба со премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска.

Матис со највискоки државни и воени почести беше пречекан пред Владата од Заев, Шекериска и други владини претставници.

По разговорите на двете делагации предвидени се заеднички изјави на Заев, Матис и Шекеринска.

Aмериканскиот секретар за одбрана допатува изутрината на Меѓународниот аеродром Скопје и по пречекот од министерката Шекеринска и амбасадорот Џес Бејли, замина во Владата на средба со премиерот Зоран Заев.

Матис во пресрет на посетата на Македонија најави дека доаѓа да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Русија во процесот.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ – рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија.

Џејмс Матис е првиот американски секретар кој ја посетува Македонија во изминатите 14 години.

Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека очекува секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис при денешната посета на Македонија да пренесе порака за охрабрување и поддршка за референдумот.

– Матис е денеска дојден овде пред се да пренесе порака за охрабрување на референдумот дека добро е граѓаните да го искористат ова демократско право. Секако, ние ќе ја искористиме оваа прилика да разговараме за сите детали и соработката меѓу министерствата за одбрана на двете земји, на армиите за заедничките мисии кои ги имаме во Авганистан и јакнење на безбедносната соработка со САД, затоа што Америка е еден од нашите стратешки партнери, рече Заев.

Тој верува дека како Македонија која има покана за членство во НАТО ќе биде 30. членка на Алијансата и во тој контекст, како што додаде, има многу детали и теми за кои може да се разговара, како и пренесување на огромното искуство што може да се имплементира во одбраната.

– Конечна цел да бидеме достоинствен партнер на земјите членки на НАТО за зачувањето на севкупниот мир во светот и овде во регионот- посочи Заев.