Германија ќе даде свој придонес за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ, објави денеска германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, пред да замине за Скопје.

– Северна Македонија припаѓа цврсто на Европа. Ние сакаме ЕУ да го одржи својот збор кон Северна Македонија и Албанија. Земјата постигна историски договор со Грција. Германија ќе придонесе за продолжување на овој пат. Не станува збор само за кредибилитетот на ЕУ, туку и за нашиот стратешки интерес за стабилен и безбеден регион во срцето на Европа – се вели во неговото соопштение.

Мас вели дека заедничка цел е да се започнат преговори што е можно поскоро.

– Ова ќе го разговарам денес со мојот колега од Северна Македонија, Никола Димитров. Со нетрпение очекувам да разговарам и со премиерот Заев и претседателот Стево Пендаровски. Сега е важно да се пристапи кон очекувањата и надежите на граѓаните на Северна Македонија – подвлече тој.

Мас додаде дека патот кон реформите и владеењето на правото мора доследно да продолжи и дека Германија е подготвена да ја поддржи Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.