Фото: Архива

Во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи оствари посета на Германија и средба со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. На средбата, Мас уште еднаш ја истакна поддршката на Берлин за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ „што е можно побрзо“. Тој повторно нагласи дека германската влада смета дека спорот меѓу Македонија и Бугарија треба да остане на билатерално ниво и да го решаваат експерти, без притисоци од надвор. Мас не гледа причина во решавањето на спорот да се вклучуваат трети страни, но вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство.
– Германија е сериозна за ЕУ-перспективата на земјите од регионот, а тоа особено важи за С Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа минатата година многу се заложивме за одржување на меѓувладината конференција, но тоа не беше можно. Сега го поддржуваме португалското претседателство да го стори тоа. Не само што тоа го сметаме за логично туку и за неопходно, не само од аспект на довербата на граѓаните во С Македонија туку и поради интересот на ЕУ, колку што е можно побрзо да ја одржиме меѓувладината конференција – изјави Мас.
Осврнувајќи се на новиот отежнувачки момент за продолжување на преговорите со Бугарија, поради сѐ поизвесната ситуација за одржување нови предвремени избори таму, македонскиот министер за надворешни работи, Османи, изрази подготвеност за разговори и со преодна или техничка влада.