Спорот за името меѓу Македонија и Грција бил високо на агендата на денешната средба на шефовите на германската и грчката дипломатија Хајко Мас и Никос Коѕијас во Берлин.

Од германска страна по состанокот уште еднаш била искажана целосна поддршка за изнаоѓање решение на деценискиот спор, јав и Дојче Веле. Мас го поздравил развојот на досегашниот тек на преговори и потенцирал дека Берлин со години силно се залага за решение во спорот за името.

– Германија е заинтересирана за решение кое ќе донесе мир и стабилност на Западниот Балкан, рекол Мас.

Коѕијас информирал дека од вчера експертските работни групи од Македонија, Грција и од Обединетите нации заседаваат во Атина со цел да го доработат рамковниот договор за двајцата премиери.

Нагласил дека спорот треба да се реши затоа што тоа е во интерес и на Грција, а не само на Македонија. Според него, тој и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров сториле сѐ што е во нивна моќ за да ја затворат рамката и да понудат прифатливо решение и сега со темата се занимаваат работните групи.

Шефот на грчката дипломатија синоќа имал средба и со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер. Од средбата нема соопштение, освен заедничка фотографија од двајцата политичари, а од кабинетот на Штајнмајер, наведуваат од Дојче Веле, не добиле одговор за кои теми се разговарало.

Официјален Берлин веќе подолго време активно ги следи преговорите во спорот за името и дава поддршка за изнаоѓање решение.  Германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела на таа тема и телефонски разговараше со македонскиот и грчкиот премиер.

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, вчера во Брисел разговараше со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, и порача да не се попречува изнаоѓањето на мирно решение.